Линдзи Вон пристигна во САД: Не сум застанала на нозе, благодарност до сите во Италија

Точка

17/02/2026

15:51

356

Големина на фонт

а а а

Американската скијачка Линдзи Вон денес, на 17 февруари, се врати дома во Соединетите Американски Држави по една недела лекување во болница во Италија, откако ја скрши левата нога во спуст на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина.

„Не сум застанала на нозе повеќе од една недела … бев неподвижна во болнички кревет од трката. Иако сè уште не можам да стојам, враќањето на домашна територија е неверојатно чувство“, објави Вон на социјалната мрежа „X“ со емотикон на американското знаме.

„Голема благодарност до сите во Италија што добро се грижеа за мене“, наведе Вон.


Оваа 41-годишна скијачка имаше четири операции поради скршеница на левата нога во Италија. Претходно беше најавено дека во САД ќе ѝ бидат потребни нови оперативни зафати.


Вон закачи капија и падна во 13. секунда од трката на 8 февруари, по што со хеликоптер беше пренесена во болница. Веќе следниот ден потврди дека претрпела комплексна скршеница на тибијата, која бара повеќе оперативни интервенции за соодветно санирање.


Таа девет дена пред таа трка ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото при друг пад во Швајцарија, но и покрај тоа одлучи да настапи на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина.