Карлингот е еден од најпопуларните зимски спортови кој привлекува многу внимание на овогодишните Зимски олимписки игри, но не отсекогаш изгледал како денес.
Карлингот, често нарекуван „шах на мраз“, е единствен зимски олимписки спорт кој обединува врвна прецизност, длабока тактичка стратегија и тимска работа.
Целта на играта е да се туркаат тешки гранитни камења по ледената патека кон центарот на метата, додека соиграчите со интензивно метење на мразот пред каменот ја контролираат неговата брзина и насока на движење.
Тоа е игра на нерви и трпение во која само еден погрешен потег или неколку милиметри разлика често одлучуваат за победникот.
Бодувањето во карлингот е специфично бидејќи во секоја рунда (која се нарекува „енд“) поени може да освои само една екипа.
По завршувањето на ендот, кога се фрлени сите 16 камења (8 по екипа), се гледа чиј камен е најблиску до самиот центар на метата (button). Тој тим го освојува ендот. Победничкиот тим добива 1 поен за секој свој камен што е поблиску до центарот од најдобриот (најблискиот) противнички камен.
Теоретски е можно да се освојат максимални 8 поени во еден енд (што е исклучително ретко, познато како „snowman“), додека поразениот тим во тој енд секогаш добива 0 поени.
Карлингот на Зимските олимписки игри првпат беше вклучен во програмата во 1924 година, а следен пат се појави на Игрите во 1932 година, по што следеше голема пауза.

Во олимписката програма повторно беше вклучен во 1988 година, а во периодот кога не беше олимписки спорт изгледал значително поинаку.
Во приложеното видео можете да видите како се играл карлингот пред 50 години, а првото што може да се забележи е разликата во реквизитот што го користат играчите за со брзо триење на мразот да го намалат триењето и да го продолжат движењето на каменот.
Современите реквизити всушност се четки со синтетички перничиња, а пред 50 години се користеле вистински пченкарни метли како оние што се користат за метење дворови.









