Научниците ја анализирале миризбата на египетските мумии: Откриени состојките што се користеле при балсамирањето

Точка

17/02/2026

10:16

613

Големина на фонт

а а а

Тим научници од Универзитетот во Бристол развиле неинванзивен метод за анализа на мирисите на древните египетски мумии, идентификувајќи ги хемиските траги од балсмирањето без оштетување на примероците, покажа новото истражување, додавајќи дека на тој начин биле откриени состојките користени во процесот на мумификацијата.

За разлика од досегашната практика, која подразбираше сечење на деловите од завојот и нивно растворање за хемиска анализа, истражувачите се фокусирале на испитување на испарувањето на органските соединенија (VOC) од воздухот кој ги опкружува мумиите, пренесе Сајенс Алерт (Science Alert).

Како што наведуваат авторите на студијата, мирисот имал значителна улога во египетската митологија и верувањата за задгробниот живот, додека зачините и ароматична смола биле користени во процесот на балсамирање за да се прикријат непријатните мириси и телото да се заштити од штетници и микроорганизми.


Научниците анализирале 35 примероци, вклучувајќи делови од смола, завој и човечко ткиво од 19 мумии кои потекнуваат од периодот од околу 2000 години пр. н. е. до 295 година од н.е, со што бил опфатен речиси целиот период на мумификација во Стар Египет, а примероците се од музеите во Европа и Велика Британија.

Материјалот бил сместен во посебни комори за да се овозможи испарување на соединенијата, кои потоа биле анализирани со методи на гасна хроматографија и масена спектрометрија.

На тој начин биле идентификувани мастите, восоците и смолата користени во процесот на балсамирање.

Резултатите покажале дека најчестите состојки биле масти и масла, како пчелин восок, растителна смола и битумен, но низ вековите рецептурата се менувала. Во раните периоди биле користени поедноставни мешавини, додека подоцна вклучувале поскапи состојки како смола и масло од бор, смрека и кедар, како и битумен.


Авторите истакнуваат дека различните историски периоди покажуваат препознатливи хемиски профили, што значи дека анализата на испарувањето на соединенијата може да послужи како минимално инвазивен метод за одредување на староста на мумијата.

Според нив, оваа техника овозможува брзо и неинвазивно прелиминарно испитување, без нарушување на интегритетот на драгоцените археолошки примероци.