Кога станува збор за детска игра, повеќето родители ќе посегнат по кутија со играчки за своите најмали. Меѓутоа, новото истражување сугерира дека давањето необични предмети, како што се маталки или гмечалка за компири, би можело да им помогне на децата да останат фокусирани подолго и да го поттикне нивниот развој, пишува Дејли Мејл.
Делани Витмер, студентка-истражувач на Државниот универзитет во Аризона, објаснила дека малите деца имаат тенденција да се фокусираат посилно на предмети што им се нови и да ги истражуваат повеќе отколку на оние со кои веќе се запознаени.
Во рамки на студијата биле анализирано како 32 деца на возраст од две до четири години си играле со познати и непознати предмети во своите домови. Од родителите било побарано да изберат безбеден, но непознат предмет, најчесто кујнски прибор. Потоа истражувачите ја следеле интеракцијата на детето со предметот.

Меѓу најневообичаените предмети биле маталки, гмечалки за компири, цедалки за чај, инки и сито. Познатите предмети вклучувале кукли, автомобилчиња и пластични модели на храна.
Истражувањето покажало дека невообичаените предмети децата ги допирале значително повеќе од познатите. Новите предмети во просек ги допирале 40 пати во текот на 10 минутно играње, додека познатите ги допирале околу 30 пати. Исто така со секое допирање на новиот предмет останувале во интеракција со него просечно 5,32 секунди, додека на познатите предмети се задржувале 4,64 секунди.
„Тоа им го привлекува вниманието“, рекла Витмер на конференцијата на Американското здружение за напредок на науката (AAAS) во Феникс. „Интересно им е и им помага да го пренасочат фокусот – од нешто што го гледаат секој ден на нешто сосема ново“, додала таа.

На прашањето дали децата изгледаат поангажирани со непознати предмети, Витмер одговорила: „Апсолутно. Кај новите предмети децата почесто ги погледнуваат родителите, како да бараат насоки како да си играат со нив“.
Витмер истакнала дека родителите треба да им нудат нови предмети на децата – секако, само оние кои се безбедни – наместо исклучиво да се држат до содржината од кутијата со играчки. „Дури иако се играат со тој предмет само три минути, сепак учат нешто ново и имаат можност да истражуваат“, нагласила таа и додала дека раното запознавање со такви предмети може да им помогне на децата во подоцнежното учење бидејќи новите информации се „складираат во нивниот мозок“.

Во заклучокот на своето истражување, кое е дел од нејзината дисертација, Витмер напишала: „Интеракцијата со предмети е важна за учење и меморија во раното детство. Резултатите покажуваат дека децата подолго ги истражуваат предметите и ги држат подолго време од родителите, особено кога се работи за нови предмети. Овие наоди може да помогнат во подобро разбирање како родителите можат да го поддржат истражувачкиот дух на своите деца“.