Братот на Џефри Епстин: Убиен е, знаеше премногу, наскоро се’ ќе биде откриено

Макфакс

16/02/2026

10:04

444

Големина на фонт

а а а

Братот на осудениот американски сексуален престапник Џефри Епстин, Марк Епстин, го обвини Министерството за правда на САД дека стои зад прикривање на неговата смрт.

Џефри Епстин беше пронајден мртов во затворска ќелија во Њујорк на 10 август 2019 година. Тогашните официјални резултати од обдукцијата утврдија дека станува збор за самоубиство.

Во интервју за француската телевизија БФМ, Марк Епстин изјави дека е убеден дека неговиот брат бил убиен.

„Сега знам дека е убиен“, изјавил Марк Епстин, додавајќи дека по обдукцијата лекарите рекле дека не можат да заклучат дека станува збор за самоубиство, бидејќи околностите „премногу потсетувале на убиство“.

Тој навел дека во првичната потврда за смртта, во рубриката „причина за смрт“, стоела формулацијата „во очекување на дополнителни истраги“, а дека неколку дена подоцна биле објавени резултати според кои Епстин извршил самоубиство во ќелијата.

Марк Епстин изјавил дека неговиот брат „премногу знаел“.

„Во време на изборите во 2016 година, кога се натпреваруваа Хилари Клинтон и Доналд Трамп, Џефри рече: ‘Кога би го кажал она што го знам за двајцата кандидати, изборите би требало да се поништат’. Го обвинувам Министерството за правда дека го прикрило убиството на Џефри“, изјавил Марк Епстин за БФМ.

Француската телевизија наведува дека тој не е единствениот кој јавно изнесува такви тврдења. На 13 февруари, во британскиот „Телеграф“, д-р Мајкл Бејден, еден од лекарите кои присуствувале на обдукцијата како набљудувач во име на семејството Епстин, изјавил дека причината за смртта требало да биде предмет на повторна истрага.

„Мислам дека неговата смрт најверојатно е предизвикана од притисок при давење, а не од бесење. Со оглед на сите информации со кои моментално располагаме, подлабока истрага за причината и околностите на смртта е оправдана“, изјавил лекарот за британскиот весник.

Марк Епстин смета дека објавувањето на досиејата поврзани со случајот претставува „диверзија“.

„Мислам дека тоа е делумно диверзија за да се спречи интересот на јавноста за фактот дека тој е убиен“, изјавил тој.

Навел и дека е спроведена независна истрага за смртта на неговиот брат, која, според него, довела до заклучок дека станува збор за убиство, а резултатите од таа истрага, како што најавил, ќе бидат објавени за неколку месеци