Американската скијачка легенда Линдзи Вон (41) би можела да сноси доживотни последици по тешката повреда здобиена за време на спустот на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина д’Ампецо.
Во разговор за француските медиуми, угледниот ортопедски хирург д-р Бертран Сонери-Коте од центарот „Santy“ во Лион, специјалист за повреди на колено кој во текот на кариерата оперирал бројни врвни спортисти, изнесе загрижувачка проценка за состојбата на славната Американка.
„За жал, мислам дека ова би можела да биде повреда која е премногу за неа“, изјави лекарот осврнувајќи се на фотографиите што Вон ги објави на Инстаграм.

Иако операциите поминале успешно, поставувањето надворешен фиксатор, големата метална конструкција на левата нога, покажува дека скршеницата не можела целосно да биде санирана.
„Тоа засега е привремено решение. Повредата е исклучително сериозна и ќе ѝ создава проблеми со месеци, а можно е и до крајот на животот“, нагласи тој.
Според неговите зборови, станува збор за тип на фрактура каква најчесто се гледа кај тешки сообраќајни несреќи, особено кај мотоциклисти.
Кај врвни спортисти, ваквата повреда спаѓа меѓу најтешките можни, бидејќи бара постојан медицински надзор и невозможно е да се даваат рани прогнози само неколку дена по операцијата.
„Кога се поставува надворешен фиксатор, тоа значи дека коската не можела целосно да биде реконструирана. Или постоел голем оток, или коската практично е смачкана. Тоа е како составување сложувалка – исклучително комплицирано“, појасни лекарот.

Вон веќе има титаниумска протеза во десното колено, што дополнително ја комплицира ситуацијата. Иако експертите сметаа дека е можно да настапува со кинење на предниот вкрстен лигамент со носење ортоза, ризикот бил огромен.
„Американската федерација ѝ дозволи настап. Тоа беше голема коцка, но и таа беше свесна за тоа“, изјави Сонери-Коте.
Според тековниот план, Вон се наоѓа под строг надзор. Веќе имала и трета операција за да се спречи обилно крварење, некроза и инфекција.
По излегувањето од критичната фаза, следува вградување плочки за коската повторно да се состави, но роковите се целосно непредвидливи. Ќе поминат месеци пред повторно да може нормално да оди.
„Нејзината моментална цел е да ја зачува ногата и повторно да прооди. За враќање на врвното скијање воопшто не може да се зборува. Кај вакви повреди, за жал, во најтешките случаи може да дојде и до ампутација“, заклучи францускиот експерт.










