Серена Вилијамс беше критикувана поради реклама за „Ozempic“, па одговори – со танц на шипка

Точка

12/02/2026

19:01

585

Големина на фонт

а а а

Серена Вилијамс повторно е во центарот на вниманието – и тоа поради две сосема различни причини. Поранешната тениска шампионка објави видео во кое ги покажува своите вештини во танц на шипка, набргу откако се најде на мета на критики поради учество во реклама за лек за слабеење емитувана за време на „Super Bowl“.

Во снимката што во средата ја сподели на „TikTok“, 44-годишната спортска икона тренира танц на шипка, со пораката: „Се враќам на тренинзите со моите два омилени реквизити.“ Видеото брзо собра илјадници реакции, а многумина го протолкуваа како одговор на неодамнешните негативни коментари.

Остри критики поради рекламата

Вилијамс, освојувачка на 23 „Grand Slam“ титули, минатата година стана заштитно лице на брендот „Ro“, а во рекламата прикажана за време на „Super Bowl“ промовираше „GLP-1“ препарати и својата телесна трансформација ја припиша токму на таа терапија. Откри дека за една година изгубила повеќе од 14 килограми.


Но дел од обожавателите не го пречекаа со одобрување нејзиниот ангажман. На социјалните мрежи се редеа критички коментари – од обвинувања дека „турка лекови за слабеење“ до разочараност што, како што напишаа некои, „најголемата тенисерка на сите времиња рекламира ’Ozempic‘“.

Разочараноста беше уште поголема бидејќи пред „Super Bowl“ се појавија гласини дека Серена во рекламата би можела да најави сензационално враќање во тенисот. Наместо спортска најава, гледачите добија промоција на лек, што кај дел од публиката предизвика негодување.


Борба со килограмите по породувањето

Серена претходно отворено зборуваше за својата борба со килограмите по второто породување. Ќерката Адиру Ривер Оханијан ја роди во август 2023 година, а со терапијата започна во 2024 година, откако престана да дои.

Во интервју за „People“ во август 2025 година призна дека се мачела да се врати на посакуваната тежина. „Никако не успевав да ја постигнам посакуваната тежина, без разлика што правев и колку тренирав. Беше лудо затоа што никогаш во животот не сум се нашла во ситуација толку напорно да работам, здраво да се хранам, а да не можам да дојдам до тежината што ја сакам“, изјави таа.


Нагласи и дека во кариерата никогаш не барала кратки патишта. „Во кариерата никогаш не одев по краток пат и секогаш работев напорно. Знам што е потребно за да бидеш најдобар. Затоа беше многу фрустрирачки да правам сè како порано, а да не гледам никаква промена ниту на вагата ниту во изгледот на телото“, порача таа.

Минатото лето откри дека изгубила повеќе од 14 килограми и додаде: „Се чувствувам одлично, здраво и лесно – и физички и психички.“