[ФОТО] Македонија на ЗОИ 2026 со гордост и нова надеж – еве кои се четворицата спортисти кои ги бранат боите на македонското знаме

Точка

12/02/2026

16:53

328

Големина на фонт

а а а

На Зимските олимписки игри во Милано–Кортина 2026, Македонија ја претставува делегација од вкупно 10 члена – четворица спортисти и шестмина тренери и службени лица. Македонските претставници ќе се натпреваруваат во две дисциплини: алпско скијање и нордиско (крос-кантри) скијање.

Македонскиот тим е целосно избалансиран – двајца мажи и две жени ќе ги бранат боите на нашето знаме.

Во алпско скијање настапуваат Виктор Петков и Јана Атанасовска, додека во нордиско скијање (крос-кантри) се натпреваруваат Ставре Јада и Ана Цветаноска.


Нивната поддршка доаѓа од искусен стручен тим: Пламен Неделков (крос-кантри), Александар Атанасовски и Гоце Петков (алпско скијање), шефицата на делегацијата Цветанка Макаровска, д-р Симон Трпевски како главен медицински офицер и административниот претставник Петар Спасеновски.


Ставре Јада

Најискусен во тимот е 27-годишниот Ставре Јада, кој зад себе има две Олимпијади – Пјонгчанг 2018 и Пекинг 2022. Во Вал ди Фјеме (Предацо) се натпреварува во спринт класик и на 10 километри слободно.

Пред два дена, Ставре го заврши својот настап на крос-кантри спринтот, со време од 03:59.56 минути, со што го освои 89-то место од вкупно 94 натпреварувачи. Следниот настап на Јада е на 13 февруари, на трката на 10 километри.


Тој има настапи на светски првенства и 5-то место на Балканскиот куп – показател за неговата континуирана форма и стабилност.

Ана Цветаноска

Дваесет и петгодишната Ана Цветаноска повторно ќе настапи на ЗОИ по учеството во Пекинг 2022. И таа се натпреварува во спринт класик и 10 километри слободно. Таа беше единствената македонска претставничка на Светското првенство во Трондхајм, Норвешка, а нејзиното 5-то место на Балканскиот куп во Банско потврдува дека Македонија има потенцијал и во женска конкуренција.

Цветановска денес ја заврши трката на 10 километри слободно во нордиско скијање, со време од 31:32.04 откако македонската олимпијка го освои 105-то место на ЗОИ 2026, од вкупно 111 натпреварувачки.


Виктор Петков

Во машка конкуренција во алпско скијање, 26-годишниот Виктор Петков ќе се натпреварува во велеслалом и слалом во Бормио. Зад себе има настап на Светското првенство во Салбах 2025, како и значајни резултати на ФИС трки низ Балканот и Европа.

Неговиот напредок на ФИС ранг-листата го позиционира како еден од најперспективните македонски алпски скијачи.


Јана Атанасовска

Најмладиот член на делегацијата е 19-годишната Јана Атанасовска. Таа ќе настапи во слалом и велеслалом во Кортина д’Ампецо.

И покрај младоста, зад себе има три светски првенства и настапи во Светскиот куп (Леви, Куршевел, Семеринг). Нејзин најголем успех е победата на ФИС трката во Вајнебене и освоените 30.56 ФИС поени – најдобар резултат досега за македонски скијач. Атанасовска е доказ дека македонското алпско скијање влегува во нова генерација со европски потенцијал.


Македонските олимпијци заминаа на ЗОИ со амбиција за достоинствени настапи, подобрување на личните резултати и афирмација на олимписките идеали.

За држава со ограничени ресурси, секој олимписки циклус претставува нов предизвик, но и нова можност. Од алпските падини до нордиските патеки, македонскиот тим ќе испише уште едно поглавје во спортската приказна на земјата – приказна за истрајност, работа и верба дека и малите нации можат да сонуваат големи соништа.