Пејачот Даниел Кајмакоски за првпат се појави во јавноста откако, во ноќта меѓу саботата и неделата, по белградскиот настап, беше киднапиран.
Тој во средата настапи во Бетон хала, во чија близина и беше киднапиран, и ја воодушеви публиката која според неговото однесување никогаш не би претпоставила низ што поминал пред неколку дена. Интересно е тоа што на официјалната страница на клубот во кој настапи, неговиот настап беше најавен само неколку часа претходно.
По трауматичниот настан, Даниел се повлече од јавноста за со семејството да ги преброди тешките моменти, а сега повторно застана пред публиката и покажа професионализам.

Полицијата и понатаму трага по двајцата мажи кои во ноќта меѓу саботата и неделата го киднапирале во Бетон хала во Белград. Киднаперите го превезле со неговиот автомобил дури 63 километри, бегајќи од полицијата.
Филмска потера и киднапирање
Драмата започнала во неделата околу 00.50 часот на улицата Караѓорѓева во Белград. Двајца напаѓачи, под закана со нож и пиштол, го киднапирале Кајмакоски, го врзале со селотејп и од него изнудувале 20.000 евра, заканувајќи се дека ќе им наштетат на неговата сопруга и децата.
По потера што траела километри, киднаперите кај исклучувањето за Рума удриле во банкина и побегнале во полињата, оставајќи го пејачот врзан во удрениот автомобил, по што полицијата го пронашла.
Да потсетиме, Даниел беше пронајден врзан на задното седиште од автомобилот, додека киднаперите побегнале во правец на шума.
Истрагата се одвива во неколку правци, а се проверува дали пејачот бил „типуван“.
Се огласи адвокатот Бранислав Станишиќ, кој изјави дека оваа ситуација оставила одредени последици.
„Истрагата е во тек и ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој психички и физички е добро, што во овој момент е најважно за семејството и за него. Оваа ситуација, условно кажано, остави шок-последици, но, фала му на Бога, ги надминува. Ако ме прашувате за самиот случај, не би можеле да изнесеме премногу информации сè додека барем осомничените за извршување на грозоморното кривично дело не бидат изведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да изнесеме повеќе детали. Состојбата на терен е таква што осомничените го напуштиле местото кај Рума, кога велам место мислам на локацијата каде што автомобилот останал запрен по ударот во банкина. Од тој момент тие ја напуштиле локацијата и по нив сè уште се трага“, рече Станишиќ, па додаде:

Сега потрагата се насочува кон лица кои најверојатно се од турско потекло. Тоа засега е достапната информација. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Засега не знаеме дали се мигранти или во какво својство престојувале кај нас. Со Даниел сум во постојан контакт, реагираме согласно потребите на полицијата и во врска со слични работи.














