На криптопазарот веќе со месеци владее изразито песимистична атмосфера. Цената на биткоинот е во долготраен пад, а сè поголем број аналитичари предупредуваат дека негативниот тренд би можел да потрае.
Меѓу најгласните скептици е Мајкл Бури, хеџ-фонд менаџер кој светска слава стекна откако во 2007 година го предвиде колапсот на американскиот пазар на недвижности и од тоа заработи милиони.
Бури никогаш не криел дека не верува во криптовалутите. Биткоинот повеќепати го нарекол безвреден, а цената од 100.000 долари претходно ја опиша како „најсмешната работа“ што ја видел. Актуелните случувања, според него, ги потврдуваат неговите ставови, па предупредува дека започнала таканаречена „спирала на смртта“.
Според достапните податоци, пресвртот започнал на почетокот на октомври 2025 година, кога биткоинот, само неколку дена откако достигна историски максимум од околу 126.000 долари, доживеа силен пад. За време на таканаречениот „црн петок“ цената за само неколку часа падна со двоцифрен процент, а како причина се наведуваат новите царински закани од американскиот претседател Доналд Трамп кон Кина.

Од тој момент закрепнување не следуваше. Минатата недела цената на биткоинот накратко се спушти на околу 60.000 долари, со што речиси целосно се избришани добивките остварени од есента 2024 година. Се проценува дека од криптопазарот исчезнале речиси два билиони долари пазарна вредност, додека инвеститорите поради тргување со левериџ биле принудени да ликвидираат имот вреден околу 150 милијарди долари.
Ниту долгорочните споредби не му одат во прилог на биткоинот. Инвестирање во германскиот индекс „DAX“ во последните пет години би донело значително поголем принос, и тоа за повеќе од 30 процентни поени.
Посебен парадокс е фактот што падот на цената се случува во политичко опкружување кое, барем во САД, е изразито наклонето кон криптосекторот. Администрацијата на Доналд Трамп протурка низа закони поволни за криптовалутите, ја реформира регулаторната комисија „SEC“ и воведе државна резерва во биткоин. И покрај тоа, пазарот не покажува знаци на доверба.

Ниту биткоин „ETF“ фондовите, кои се сметаа за голема пресвртница, не донесоа очекуван прилив на институционален капитал. Поголемиот дел од вложените средства и натаму доаѓа од мали инвеститори, додека професионалните вложувачи се значително повнимателни.
Аналитичарите предупредуваат дека биткоинот го губи клучниот елемент на секоја валута – довербата. Иако е малку веројатно неговата вредност да падне на нула, сè почесто се доведуваат во прашање основните наративи за „дигитално злато“ и заштита од инфлација.
Техничката анализа дополнително ја засилува загриженоста. На графиконите е забележан образец „глава и раменици“, кој во минатото се покажал како сигнал за силен пад на цената. Според проценките, првата важна зона на поддршка е околу 49.000 долари, а во песимистичко сценарио се споменува дури и можен пад кон 21.000 долари.

Најпогодени се краткорочните инвеститори кои влегле на пазарот во последните неколку месеци и сега се во значителен минус. Дополнителен ризик доаѓа и од компаниите кои агресивно купувале биткоин со задолжување, бидејќи евентуални банкроти би можеле да предизвикаат нов бран присилни продажби.
Сепак, дел од криптозаедницата и понатаму верува дека станува збор за можност за купување во период на пад, повикувајќи се на историски примери кога вложувањата во моменти на паника долгорочно се исплателе. Дали такво сценарио ќе се повтори ќе зависи од тоа дали биткоинот ќе успее повторно да ја врати довербата на пазарот и да понуди нова, уверлива приказна за раст.















