Францускиот претседател Емануел Макрон денес во Антверпен изјави дека „единственото“ решение за економските закани што ги претставуваат Кина и Соединетите Американски Држави е Европа да стане независна сила.
„Ни треба нова скала и нова брзина во нашиот пристап за да се стави крај на фрагментацијата што ја ослабува и ризикува да ја понижи Европа“, им рече Макрон на бизнис лидерите во Антверпен, Белгија, објавија француските медиуми.
Францускиот претседател повторно ја лансираше идејата за „еврообврзници“, заеднички европски обврзници за финансирање на големи инвестиции и Европа да остане конкурентна со Пекинг и Вашингтон.
„Ако сакаме да инвестираме доволно во одбраната и вселенската безбедност, чистите технологии, вештачката интелигенција и квантното пресметување и да ја трансформираме нашата продуктивност и конкурентност, единственото решение е да се издаде заеднички долг“, додаде Макрон.
Оваа идеја за заеднички европски долг ја застапува Франција со години, но други земји, вклучително и Германија, постојано ја отфрлаат.
„Никогаш не сме живееле во ваков период. Затоа, мора да прифатиме преземање клучни мерки што не се многу вообичаени во традиционалните европски алатки за мерки“, рече Макрон.
Францускиот претседател рече дека Европа е во вонредна ситуација и додаде дека сите треба да бидат свесни за ова бидејќи наскоро ќе биде предоцна.
Макрон, исто така, ги повика земјите кои се подготвени да ги спроведат реформите на единствениот европски пазар предложени од Комисијата, да ја зајакнат соработката, со цел што поскоро да се постигне напредок.








