Претседателот на ССМ побара МВР, министерот Тошковски и Обвинителството веднаш да преземат мерки против пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, која, како што рече, „му ги објавила малолетните деца за да може сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат“.
Побара од претседателот на Собранието, Гаши, да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска.
Изрази благодарност до инспекторите во МВР, кои во текот на вчерашниот ден ги презеле сите мерки за кривичен прогон и ги обезбедиле сите потребни докази. – Поставувам прашање до министерот за внатрешни работи: дали службите го следат претседателот на ССМ и дали му ги снимаат децата на претседателот на ССМ. Дали се поединци и ако се поединци, веднаш да ги уапсат. Јавниот обвинител веднаш да покаже дека правдата е еднаква за сите и дека сите ќе ги стигне – рече Трендафилов. Додаде дека објавувањето малолетни деца е злоупотреба и не е дозволено никаде во светот. Најави дека за овој случај ќе ги извести сите амбасади, Делегацијата на ЕУ, братските синдикати на Меѓународната и на Европската конфедерација на синдикатите и Меѓународната организација на трудот (МОТ).








