Центар е домаќин на обука за наставници за детските права

Макфакс

11/02/2026

12:27

122

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски присуствуваше на обуката за наставници во центарското основно училиште „Свети Кирил и Методиј“, која се реализира во рамки на проектот „Нашите права“, проект на Република Словенија, насочен кон унапредување на образованието за човекови права и правата на детето.

На обуката присуствуваа амбасадорот на Република Словенија во земјава Грегор Прескер, лидерот на проектот Бланка Јамнишек, претставници на Бирото за развој на образованието, и здружението Центарот за човекови права и разрешување конфликти од Скопје, како и наставници од повеќе скопски училишта.

„Ова е проект што заслужува особено внимание. Нашите ученици треба да ги знаат своите права за да се почитуваат себеси но и другите. Чест ми е што домаќин на работилницата е токму центарското училиште „Свети Кирил и Методиј“, најстарото во државата, но секогаш прво во прифаќање нови методи, обуки и трендови во образованието“, рече Герасимовски.

Проектот „Нашите права“ има цел преку обука на наставниците да го зајакне подучувањето и учењето за човекови права и правата на детето, да поттикне почитување и разбирање уште од најрана возраст и да придонесе кон мир и безбедност во заедницата. Станува збор за глобален проект што се реализира во 27 земји во Европа, Азија, Блискиот Исток, Латинска Америка, Африка и Австралија, а е наменет за деца на возраст од 10 до 12 години. Во проектот се вклучени и деца од малцински заедници, вклучително и ромски деца, додека наставната алатка „Нашите права“ се користи на 24 јазици и е дел од Светската програма за образование за човекови права.