Трамп ѝ дава на Европа контрола врз три клучни бази на НАТО

Макфакс

11/02/2026

08:29

203

Големина на фонт

а а а

Доналд Трамп им ја предаде контролата врз три клучни командни центри на НАТО на европските нации во историско реконструкција во рамките на алијансата, објави „Телеграф“.

Велика Британија ја презема Атлантската команда во Норфолк, Вирџинија, Италија доби одговорност за јужното крило во базата во Неапол, а Германија и Полска ќе ја надгледуваат наизменично Командата на здружените сили во Брунсум, Холандија. Со овој потег, европските команданти за прв пат ќе ги водат трите команди на здружените сили на НАТО на оперативно ниво.

Извори од НАТО инсистираат дека потегот е за преземање поголема одговорност од страна на европските нации за одбраната на континентот, а не повлекување на Трамп од алијансата.

Претставник на НАТО ги потврди промените во изјава за „Телеграф“. „Сојузниците се согласија за нова распределба на одговорностите за позициите на високи офицери во командната структура на НАТО. На тој начин европските сојузници, вклучувајќи ги и најновите членки, ќе имаат позначајна улога во военото раководство на Алијансата“, рече тој.

Европските сојузници на НАТО историски се потпирале на Соединетите Американски Држави за планирање, команда и контрола. Врховниот командант на сојузничките сили за Европа (SACEUR) е секогаш американски офицер, кој е исто така задолжен за американските сили во Европа.

Реконструкцијата доаѓа во време кога американскиот претседател се закани дека ќе ја намали улогата на САД во алијансата и размислува за повлекување на трупите од Европа за да се фокусира на други закани како што е Кина. Неговите ставови покренаа прашања за тоа дали американските сили би им дошле на помош на европските сојузници во случај на руски напад.

Заканата на Трамп да го преземе Гренланд, арктички остров кој ѝ припаѓа на членката на НАТО, Данска, речиси ја турна алијансата во најдлабоката криза во историјата. Како одговор на тоа, европските влади ги засилија напорите за зголемување на трошоците за одбрана за да и докажат на Белата куќа дека континентот може да се потпре на сопствените сили за одбрана.