Шефот на полицијата, Мајкл Рајтер, го цитирал Трамп како му рекол: „Фала му на Бога што го запирате, сите знаат дека го прави тоа“.
Новооткриен документ на американското Федерално биро за истраги (FBI) покрена нови прашања во врска со тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека не знаел ништо за злосторствата на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, додека министерот за трговија на Трамп, Хауард Лутник, се соочи со низа прашања од пратениците во вторникот за неговите врски со финансиерот.
Агенцијата Reutes пишува дека најновите откритија „покажуваат дека последиците од скандалот со Епстин остануваат голема политичка главоболка за администрацијата на Трамп“, неколку седмици откако Министерството за правда објави милиони документи поврзани со Епстин за да се усогласи со законот. Меѓутоа, новооткриените документи и не одат многу во полза на тврдењата дека Трамп учествувал или ги поддржувал дејствијата на осудениот сексуален злосторник.

Протечените документи, исто така, предизвикаа бројни скандали поврзани и со поранешните челници на Демократската партија, поранешните претседатели од оваа партија како Бил Клинтон и Барак Обама и нивните сопруги, големи финансиери на демократите, како и во странство откако открија нови детали за врските на Епстин со истакнати личности во политиката, финансиите, бизнисот и академската средина.
Во јули 2006 година, кога првите обвинувања за сексуален криминал од страна на Епстин станаа јавни, шефот на полицијата во Палм Бич, во сојузната држава Флорида, добил повик од Трамп, според резимето на FBI од 2019 година од интервјуто со шефот на полицијата што било вклучено во досиејата. Шефот на полицијата, Мајкл Рајтер, го цитирал Трамп како му рекол: „Фала му на Бога што го запирате, сите знаат дека го прави тоа“.
Трамп му рекол на Рајтер дека луѓето во Њујорк знаеле за Епстин и го увериле дека Гислен Максвел, партнерката и соработничката на Епстин, била „зла“, според наводите во документот.
Трамп, исто така, рекол дека еднаш бил во близина на Епстин кога биле присутни тинејџери и дека „избегал оттаму“. Рајтер, кој се пензионирал во 2009 година, ги потврдил деталите од интервјуто за весникот Miami Herald, кој прв извести за неговото постоење.
На прашањето за наводниот разговор, Министерството за правда одговорило: „Не сме запознаени со никакви поткрепувачки докази дека претседателот ја контактирал полицијата пред 20 години“.
Трамп бил пријател со Епстин со години, но тие се скарале пред првото апсење на Епстин, како што повеќепати изјавуваше самиот Трамп. Претседателот постојано повторуваше дека не бил свесен за злосторствата на Епстин.
Портпаролката на Белата куќа, Каролајн Ливит, им изјави на новинарите во вторникот дека Трамп бил „отворен и транспарентен“ во врска со прекинувањето на неговата деловна соработка со Епстин.
„Тоа беше телефонски повик што можеби се случил во 2006 година, а можеби и не. Не го знам одговорот на тоа прашање“, рече Ливит.
Во посебен случај во вторникот, Лутник се дистанцираше од Епстин додека сведочеше на сослушување во Сенатот, тврдејќи дека тој „речиси имал никаков контакт“ со него.

Досиејата на Министерството за правда вклучуваа е-пошта што покажаа дека Лутник како и многу други деловни луѓе и славни личности многу веројатно го посетил приватниот карипски остров на Епстин на ручек во 2012 година, седум години откако тој тврдеше дека ги прекинал сите врски. Откритијата предизвикаа повици и од републиканците и од демократите да поднесе оставка.
Лутник им рече на сенаторите дека двајцата се сретнале само трипати во текот на 14 години и дека ручекот, во кој било вклучено и неговото семејство, се случил едноставно затоа што бил на брод во близина на островот.
„Знам, а и мојата сопруга знае, дека не сум направил апсолутно ништо погрешно на кој и да е можен начин“, рече Лутник на сослушувањето во Сенатот.
Но, Reuters тврди дека електронската пошта е во спротивност со претходните изјави на Лутник дека тој ветил во 2005 година дека никогаш повеќе нема да го види Епстин откако финансиерот, тогашен негов сосед, му покажал маса за масажа во неговиот дом и дал сексуално сугестивен коментар.
Републиканскиот претставник Том Маси изјави за CNN во неделата дека Лутник треба „да му го олесни животот на претседателот и едноставно да поднесе оставка“.
Левит, пак, им одговори на новинарите во Белата куќа во вторникот дека Трамп „целосно го поддржува“ Лутник.
















