Студија открива: Еден начин на исхрана може да го намали ризикот од мозочен удар кај жените и до 25 отсто

Точка

07/02/2026

12:52

409

Големина на фонт

а а а

Резултатите од ново истражување откриваат врска помеѓу исхраната и намалениот ризик од мозочен удар.

Медитеранската диета обично вклучува јадење овошје, зеленчук, интегрални житарки, јаткасти плодови, маслиново масло и посни протеини и ограничување на преработената храна.

Нова студија, чии резултати биле објавени во списанието „Neurology Open Access“, покажа дека медитеранската исхрана е поврзана со намален ризик од сите видови мозочен удар кај жените.


Студијата опфатила 105.614 жени, со просечна возраст од 53 години, кои немале историја на мозочен удар на почетокот на студијата.

Секоја учесничка пополнила прашалник за нејзината исхрана, а сите биле следени 21 година.

Во тој временски период, се случиле 4.083 мозочни удари (3.358 исхемични и 725 хеморагични мозочни удари). Истражувачкиот тим испитал одредени фактори кои можат да влијаат на ризикот од мозочен удар, како што се пушењето, физичката активност и високиот крвен притисок.

Студијата открила дека учесниците кои имале најмалку ризична исхрана и навики имале 18 проценти помала веројатност да доживеат мозочен удар од оние во групата со највисок ризик.

Исто така, кај учесниците со најмалку ризични навики и исхрана, резултатите од студијата покажале дека тие имале 16 проценти помала веројатност да доживеат исхемичен мозочен удар, а дури 25 проценти помала веројатност да доживеат хеморагичен мозочен удар.

Резултатите покажале дека постои врска помеѓу медитеранската исхрана и помалиот ризик од мозочен удар воопшто, како и исхемичниот и хеморагичниот мозочен удар.

„Нашите наоди се совпаѓаат со растечкиот број докази дека здравата исхрана е клучна за превенција од мозочен удар. Бевме особено заинтересирани да видиме дали ова откритие се однесува на хеморагичниот мозочен удар, бидејќи малку големи студии го испитувале овој вид мозочен удар“, вели авторката на студијата Софија Ванг од Сеопфатниот центар за рак во Дуарте, Калифорнија.


„Мозочниот удар е водечка причина за смрт и инвалидитет, па затоа е возбудливо да се помисли дека подобрувањето на нашата исхрана може да го намали ризикот од оваа разорна болест. Потребни се понатамошни истражувања за да се потврдат овие наоди и подобро да се разберат механизмите зад нив, како и да се идентификуваат нови начини за спречување на мозочен удар“, нагласила Софија Ванг.

Но, сепак потребни се понатамошни истражувања. Самата студија имала ограничувања бидејќи испитувала само жени.

Но, овие резултати се охрабрувачки. Одамна е познато дека медитеранската исхрана е поврзана со подобрено васкуларно здравје, намален ризик од хипертензија, дијабетес и намалено воспаление.