„AvtoVAZ“ официјално го најави почетокот на продажбата на „Lada Vesta CNG“, модел кој може да работи и на бензин и на гас. Цената на новиот модел веќе е позната.
„Lada Vesta CNG“ се враќа на рускиот пазар по повеќегодишна пауза. Оваа верзија претходно се произведуваше во мали серии уште од 2017 година, но во меѓувреме беше повлечена од понудата.
Освежената „Lada Vesta CNG“ за 2026 година е опремена со систем од четврта генерација кој користи метан. Дводелниот резервоар за гас со зафатнина од 90 литри е сместен во багажникот, додека е задржан и стандардниот резервоар за бензин од 55 литри, пренесува рускиот портал „Wroom“.

Како што истакнуваат од „AvtoVAZ“, „користењето метан овозможува намалување на трошоците за гориво и до два или три пати, додека износот на данокот за возила се намалува за 50 проценти“. Вкупниот домет на возилото со двете горива надминува 1.000 километри без дополнување.
Цените на оваа „Vesta“ започнуваат од 1.881.000 рубљи (околу 20.000 евра), додека со државна субвенција за возила на гас ваков автомобил може да се купи и за 1.515.000 рубљи (околу 16.700 евра).

Основниот пакет опрема вклучува два воздушни перничиња, систем за електронска стабилност, клима-уред, бесконтактно отклучување и LED фарови. Од „AvtoVAZ“ најавија дека во текот на 2026 година на пазарот треба да пристигне и „Lada Vesta Sport“ со посилен, унапреден мотор.









