Докторката Андреа О’Конор води исклучително популарен „YouTube“ канал на кој објавува видеа и зборува за своите искуства од медицинската практика.
Неодамна го привлече вниманието на корисниците откако откри вознемирувачка приказна од времето кога работела како медицинска сестра на оддел за палијативна нега. Таа истакна дека тој момент останал „засекогаш врежан во нејзиното сеќавање“.
Пациент на специјален кревет
Докторката се присети на периодот пред да ја стекне медицинската диплома.
„Сè се случи пред многу години, додека работев во една болница во Феникс. Бев прилично нова медицинска сестра, а кога сте нови – обично ве ставаат во ноќни смени“, ја започна својата приказна.
Една ноќ добила распоред со осум пациенти за кои требало да се грижи. За време на обиколката, еден од нив ѝ привлекол внимание бидејќи бил во многу тешка состојба.
„Стануваше збор за пациент со бубрежна инсуфициенција. Лежеше на специјален кревет за спречување на рани на грбот. Со денови не јадеше“, објасни таа.
Колега од дневната смена ја предупредил Андреа дека пациентот се ближи до крајот и дека можеби нема да го дочека утрото. Таа сметала дека нејзина основна задача е, колку што е можно, да му обезбеди удобност и мир.
„Некој беше во собата“
Пациентот лежел без облека, на специјална подлога, за полесно да се контролира мокрењето и другите телесни функции.
„Тоа помагаше да остане чист и да му биде што поудобно“, објасни таа.
Сепак, околу полноќ се случило нешто што ја оставило во шок, пренесува „Daily Star“.
„Седев на своето работно место, а потоа сфатив дека некој се наоѓа во собата на пациентот. Влегов внатре и го затекнав како се шета! Ме праша: ’Каде ми е торбата? Каде се моите работи?‘ Беше целосно свесен, одеше во круг“, објасни Андреа.
Исплашена дека може да падне и да се повреди, медицинската сестра му рекла да седне.
„Со недели сте во кревет, ја изгубивте мускулната сила и едноставно ќе паднете. Потребна е физикална терапија за повторно да можете да одите – и тоа трае најмалку три дена“, му објаснила на пациентот.

„Нема да ми поверуваш, но …“
Му дала вода и размислувала како да повика помош, бидејќи не смеела да го остави сам.
„Искрено, ни денес не знам како успеав да го смирам. Го убедив да седне во фотелја и го замолив да не се движи додека не се вратам“, раскажа таа.
Андреа истрчала од собата и пронашла поискусна колешка од одделението.
„Нема да ми поверуваш, но оној пациент што е на умирање – буден е. Шета низ собата, ги бара своите работи и пие вода“, изговорила набрзина.
Заедно се вратиле во собата, но таму ги пречекала шокантна сцена. Пациентот лежел во кревет, целосно неподвижен и без свест – исто како и претходно таа вечер.

Краткотраен налет на енергија
Андреа се обидела нежно да го разбуди, го допирала по рамото и раката, го повикувала по име, но без никаква реакција. Дишел длабоко, со долг издишок, типичен за луѓе во терминална фаза.
Поискусната медицинска сестра ѝ објаснила дека понекогаш се случува пациентите да имаат краткотраен налет на енергија и свесност непосредно пред смртта.
„Никогаш претходно не сум видела нешто слично“, призна таа во своето видео и додаде дека пациентот починал следниот ден.
















