Николче Новески доби важна улога во новата гарнитура на ФФМ и има за задача да прави добра регрутација и селекција на најдобрите македонски таленти, а како човек од доверба на Масар Омерагиќ, легендарниот дефанзивец изминатите неколку дена беше македонски претставник на УЕФА семинарот во Осло.
Норвешка како земја која прави значителен напредок во фудбалската игра беше домаќин на семинар со тема „Talent ID“, а главен фокус беше скаутингот во фудбалот и неговото значење околу препознавањето на големи фудбалски таленти.
Семинарот неслучајно се одржа во земјата која направи крупни чекори напред во фудбалската игра, а од каде пристигнаа и голем број фудаблски ѕвезди во последно време како Халанд, Одегард и Серлот.
Исто така, Норвешка се афирмира и во европскиот фудбал преку Боде/Глимт, а како земја домаќин на семинарот, го пречека и Николче Новески кој е главен координатор на скаутинг тимот при ФФМ. Според информациите, македонскиот тим исклучително добро се претставил во одредени елементи за идентификација на млади таленти, особено во делот на практично функционирање на скаутинг проценката.
Ова искуство сигурно ќе биде дополнителен стимул за Новески и неговите блиски соработници да се развиваат во оваа скаутинг фаза која зема се поголем замав во сите фудаблски Федерации, што очигледно се препозна и во ФФМ уште при првиот работен ден под водство на Омерагиќ.








