[ВИДЕО] Поранешната сопруга на Бредли Купер ја ставила куќата под хипотека за да режира филм: Сега е бездомничка

Точка

05/02/2026

20:42

649

Големина на фонт

а а а

Поранешната сопруга на Бредли Купер, актерката Џенифер Еспозито, откри дека би можела да остане без својот дом откако ја ставила куќата под хипотека за да го финансира својот режисерски деби-филм, драмата „Fresh Kills“ од 2023 година. Еспозито во филмот е сценаристка и продуцентка, а ја толкува и главната улога.

За последиците од оваа одлука таа зборуваше во видео објавено на социјалните мрежи.

„Во моментов изгледам ужасно бидејќи плачев. Се селам од мојата куќа, која ја ставив под хипотека за да го снимам овој филм“, рекла Еспозито на почетокот од видеото.


Актерката истакнала дека особено ја разочарал недостатокот на поддршка од колегите.

„Разочарана сум затоа што колегите не ме поддржаа. Луѓе што се под рефлектори не можеа ни мала услуга да направат и да кажат: ’Фала, погледнете го овој филм‘. Тогаш си помислив: ’Знаеш што? Никој никому ништо не му должи‘. А потоа се запрашав: ’Дали навистина не си должиме ништо? Дали како луѓе не си должиме барем нешто?‘ Можеби затоа и сме во вакви проблеми. Јас мислам дека сепак си должиме – си должиме пристојност“, изјавила таа.


Еспозито, која во „Fresh Kills“ ја игра Франсин – сопруга на њујоршки мафијашки бос од 1980-тите, и претходно зборувала за одлуката сама да го финансира својот прв филм како режисерка и сценаристка. Во интервју за KTLA таа објаснила зошто била подготвена да преземе толкав ризик.

„Овој град со години ти кажува што можеш, а што не можеш. Ми беше преку глава од тоа и си реков: ’Зошто постојано барам светот да верува во мене, кога јас самата морам да верувам во себе‘. Затоа решив да ги вложам сопствените пари. Што ќе ме направи посреќна – еден ден да имам отплатена куќа или конечно да си ја дадам шансата што предолго ја чекав? Поради тоа ја донесов таа одлука“, рекла.

Дејството на филмот „Fresh Kills“ е сместено на Стејтен Ајленд кон крајот на 1980-тите и ја следи приказната на Роуз, љубопитна млада жена која открива дека нејзиниот татко станува сè помоќен мафијашки бос.

Да потсетиме, Џенифер и Бредли Купер се запознале и започнале врска во 2006 година. Нивната љубов долго време не била јавна, сè додека не биле забележани заедно на доделувањето на Златните глобуси. Тие се свршиле во октомври 2006 година, а се венчале во декември истата година. Сепак, бракот кратко траел – Еспозито поднела барање за развод во мај 2007 година, а разводот бил финализиран во ноември истата година.