Филмот на Кристофер Нолан „Insomnia“, се смета за еден од најпотценетите филмови во неговата кариера.
Некои филмови се прераскажуваат со години, други полека одат во заборав, па дури и кога во нив играат големите ѕвезди, а режисерот е познат.
Меѓутоа, со текот на времето, луѓето повторно откриваат такви филмови и почнуваат да ги нарекуваат скриени богатства.
Тоа се случи со напнатиот трилер на Кристофер Нолан од 2002 година – „Insomnia“ за којшто многу од гледачите велат дека заслужува многу повеќе внимание од тоа што го добива.
Ал Пачино и Робин Вилијамс – тандем од соништата
Филмот е фален поради напнатата атмосфера, морничавиот амбиент и двете главни улоги кои и по повеќе од 20 години предизвикуваат морничавост, Ал Пачино и Робин Вилијамс.

Покрај двете големи актерски ѕвезди се истакнува и Хилари Свонк во улогата на полицајка.
Дејството на филмот го следи детективот од Лос Анџелес којшто е испратен во оддалечен град на Алјаска да истражи убиство на тинејџерка. Во истрагата се вклучува локален писател на криминалистички романи, а нивната интеракција прераснува во напната игра на мачка и глушец.
Филмот се смета за невообичаен во кариерата на Нолан затоа што го режирал, но не го напишал сценариото кое го адаптирала Хилари Сајтс, според норвешкиот оригинал од 1997 година, пишува британски „Express“.

На страницата „Rotten Tomatoes“ филмот има 92 отсто оцена од критичарите и 77 отсто оцена од публиката, а многу од фановите сметаат дека публиката треба да му даде повисока оцена.
Сепак, без оглед на репутацијата, често поминува под радарот кога луѓето зборуваат за најдоброто од филмовите на Нолан.
Премиерно бил прикажан во мај 2002 година пред истата година да биде пуштен во кината. На светско ниво заработил над 113 милиони долари, што е дупло од буџетот за снимање.








