[ВИДЕО] Генерацијата Зет е првата која е помалку интелигентна од своите родители: Научник открива зошто

Точка

04/02/2026

22:16

541

Големина на фонт

а а а

Генерацијата Зет е првата генерација во историјата што покажува пониски нивоа на интелигенција од своите родители, а еден експерт тврди дека знае зошто.

Д-р Џаред Куни Хорват, невронаучник и поранешен наставник, вели дека генерацијата родена помеѓу 1997 и почетокот на 2010-тите години е когнитивно заостаната поради прекумерна зависност од дигиталната технологија во образованието, пишува „Дејли мејл“.

Откако когнитивниот развој почна систематски да се следи кон крајот на 19 век, генерацијата Зет стана првата што постигна полоши резултати од своите претходници. Се покажа дека имаат намалена концентрација, меморија, читање, математика, решавање проблеми и целокупна интелигенција.


Д-р Хорват пренесе на Комитетот за трговија, наука и транспорт на Сенатот на САД дека резултатите се особено загрижувачки со оглед на тоа што денешната младина поминува повеќе време во училиште отколку претходните генерации.

Хорват вели дека главната причина за овој пад е зголеменото присуство на дигитални алатки во училницата, како што се компјутерите и таблетите. Како раководител на групата „ЛМЕ Глобал“ (LME Global), која ги проучува мозокот и однесувањето, тој вели дека податоците јасно покажуваат дека когнитивните способности стагнираат, па дури и се намалуваат, од 2010 година.

Како што им рече на сенаторите, образовниот систем не се променил многу во тоа време, а човечката биологија не можела да еволуира доволно брзо за причината да биде биолошка.

„Одговорот се чини дека лежи во алатките што ги користиме за учење. Податоците покажуваат дека земјите што воведуваат дигитални уреди во училиштата забележуваат значителен пад на перформансите“, рекол тој.

Неврологот објаснува дека луѓето не еволуирале за да учат преку екрани, резимеа и кратки видеа, туку преку реални, интеракции лице в лице со наставниците и врсниците. Тој верува дека екраните ги нарушуваат биолошките процеси кои се клучни за концентрација, меморија и подлабоко разбирање.

„Тинејџерите поминуваат повеќе од половина од времето поминато будно гледајќи во екрани. Нашите мозоци не се дизајнирани да учат преку кратки пораки и брзи видеа. Наместо тоа, тие се дизајнирани за длабинско учење преку комуникација и искуств“, изјавил тој.

Хорват вели дека овој негативен тренд не е ограничен само на САД. Неговото истражување, кое опфатило 80 земји, открило дека во текот на изминатите 60 години, присуството на технологија во училницата е придружено со полоши образовни резултати. На пример, во САД, Националната проценка на образовниот напредок открила дека резултатите значително паднале во државите кои наложиле секој ученик да добие свој уред за настава.

Децата кои користеле компјутери до пет часа на ден исклучиво за училиште имале полоши резултати од оние кои ретко или воопшто не користеле технологија.

Иако резултатите покажуваат пад на способностите, Хорват вели дека младите луѓе честопати не се свесни за своите недостатоци, верувајќи дека се исклучително паметни.

„Повеќето од нив имаат прекумерна самодоверба во сопствената интелигенција. Колку повеќе некој верува дека е паметен, толку е поголема веројатноста дека не е“, рекол тој.


Тој додава дека многумина толку се навикнале да консумираат информации преку резимеа и кратки видеа на платформи како Тикток што и образовните методи почнале да се прилагодуваат на овој формат.

„Што прават децата на компјутерите? Тие скролаат. Наместо да поставиме јасна цел за образование и да ја обликуваме алатката според таа цел, ние го обликуваме образованието според алатката. Тоа не е напредок, туку капитулација“,  предупредил Хорват.

Експертите предложија неколку решенија: одложување на употребата на паметни телефони, воведување поедноставни уреди како што се телефони на преклопување за деца и национални мерки за ограничување на употребата на технологијата во училниците. Тие го нарекоа проблемот „општествена вонредна состојба“ и ги повикаа законодавците да разгледаат модели како оние во Скандинавија, каде што дигиталните алатки се во голема мера забранети во училиштата.