Кујната не е само место за подготовка на оброк, таа е срцето на секојдневниот живот и семејните дружења.
Во неа се пие првото утринско кафе, се водат најважни разговори, семејството се собира и дочекува гости. Токму затоа овогодишните трендови на уредување на кујна акцентот го ставаат на топлината, функционалноста и личниот стил затоа што кујната повеќе од кога и да е станува вистинска душа на домот.
Во 2026 година дизајнот на кујните се врти кон природата, удобноста и просторот којшто повикува на престој, а не само на користење.

Топлите тонови го заменуваат ладниот минимализам
Белите, строги кујни полека го отстапуваат местото на потоплите нијанси. Доминираат земјените тонови како беж, песок, маслинесто зелена и кафеава, но и портокалова. Тие бои создаваат чувство на смиреност и домашна атмосфера, а лесно се комбинираат со дрвени детали и природни материјали.
Природните материјали во прв план
Дрвото, каменот и керамиката со нагласена текстура ги одбележуваат современите кујни. Работните маси од природен камен или негова имитација со видлив шарм даваат простор за карактер, додека пак дрвените ормани и отворените полици внесуваат топлина и автентичност.

Кујната како простор за дружење
Отворените концепти и кујнски острови продолжуваат да доминираат, но со акцент на удобност. Високите барски столчиња се заменуваат со удобни столици, а кујнскиот остров сѐ почесто има функција на маса за јадење, за работа или дружење. Кујната така природно се поврзува со дневната соба, бришејќи ги границите меѓу кујна и заедничко поминато време.
Паметни решенија кои го олеснуваат секојдневието
Иако естетиката има важна улога, функционалноста е клучна. Овогодишните трендови вклучуваат паметни уреди, скриени штекери, добро организирани фиоки и максимално искористен простор. Целта е едноставна: кујната треба да биде во ваша функција, а не обратно.

Личните детали ја прават разликата
Наместо стерилен изглед, сѐ повеќе се спроведува персонализација на просторот.
„Рачно изработена керамика, семејни фотографии, поставени зачински билки на даска на прозорец или омилените шолји поставени на отворени полици. Токму тие мали детали ја прават кујната топла и посебна“.












