Добро е познато дека комуникацијата е клучна ставка во секоја врска. Како и колку комуницирате со партнерот влијае на тоа дали се разбирате или не, дали навистина сте блиски или не, а без разбирање и блискост емотивен однос не ни постои.
Психијатарката од Харвард, Ашвини Надкарни, тврди дека едно едноставно прашање е доволно за врската да стане подобра. Тоа прашање го продлабочува односот и ги зближува луѓето – дури и партнерите кои ни по пет години заеднички живот не оствариле блискост, покажала праксата на оваа докторка.
Таа реченица поттикнува разговор што помага да се сфати како некој ја разбира љубовта, пишува „Reader's Digest“.
Доцентката по психијатрија на Медицинскиот факултет на Харвард вели дека луѓето често ѝ се јавуваат затоа што сакаат подобро да го разберат партнерот и да се усогласат со него. Тајната е во краткото прашање: „Поради што се чувствуваш најмногу сакано?“.

Зошто ова прашање е ефикасно: „Тоа им помага на паровите да ги разберат меѓусебните јазици на љубовта, односно што кому му е потребно за да се чувствува посебно и сакано“. Наместо да нагаѓате, таа предлага директно да го прашате партнерот на кои начини најмногу чувствува внимание, а потоа и вие да го откриете вашиот одговор, бидејќи таа практика најдобро функционира.
„Некои луѓе држат дистанца и потешко се отвораат, додека на други им е потребна поголема блискост и потврда. На некои им е многу важна автономијата, што често се опишува како избегнувачко-отфрлачки стил. Постојат и оние со сигурен стил на приврзаност, кои можат јасно да кажат кога нешто им пречи и полесно се приспособуваат“, објаснила таа.
Кога го знаете својот стил и отворено зборувате за него, односот е поедноставен бидејќи двајцата подобро разбирате што ви помага да се чувствувате смирено и како да станете блиски.

Докторката опишала како треба да се одвива разговорот: „Одговорот на партнерот може да биде следниот: ‘Ми треба конкретно да ми помогнеш’, ‘Важно ми е да си емоционално присутен’, ‘Многу ми значи физичката нежност’. Така собирате важни информации за односот и ѝ помагате на другата личност да се чувствува навистина забележано, почитувано и сигурно“.
Одвреме-навреме треба да се води ваков разговор бидејќи потребите се менуваат. „Одговорите можат да се променат во зависност од животната фаза, стресот, болеста или родителството. Дури и по 25 години заеднички живот, вашиот однос и понатаму може да добива нови нијанси и слоеви“, заклучила таа.