Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, свика состанок на европските комесари со цел да ги смири растечките тензии и да го подобри начинот на работа во Колегиумот, објави Политико.
Состанокот, кој не е задолжителен, е закажан за 4 февруари во Левен, Белгија, и е отворен за сите членови на Колегиумот. Според извори од Комисијата, идејата за собирот произлегла по серија напнати разменувања меѓу комесарите и незадоволство поради доцнење на клучни документи.
На состанокот ќе се разговара за конкурентноста на ЕУ, геополитиката и работните методи на Комисијата, а како специјална гостинка ќе учествува директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева.
Според повеќе извори, атмосферата во Брисел е опишана како невообичаено напната, а како еден од поводите се наведува вербален судир меѓу еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен и извршната потпретседателка Тереса Рибера на состанок во декември.
Незадоволство постои и поради практиката важни документи да пристигнуваат само неколку часа пред состаноците или непосредно пред јавно претставување, што, според функционери, го отежнува професионалното работење.
Тензии, според изворите, има и меѓу извршниот потпретседател Стефан Сежурне и еврокомесарот за здравство Оливер Вархеји, особено околу Законот за биотехнологија.
Состанокот во Левен се одржува во пресрет на неформалното повлекување на лидерите на ЕУ, посветено на конкурентноста, закажано за 12 февруари.








