Градот Скопје го објави првиот јавен повик за финансирање на културно-уметнички проекти во рамки на програмата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Скопје 2028 не се гради само со визија, туку со работа, огромна посветеност и доверба, додаваат од таму.
Со отворањето на овој конкурс, Скопје, се истакнува во соопштението, влегува во нова фаза во која идеите треба да прераснат во реални, одржливи и европски релевантни културни проекти.
„Проекти кои нема да живеат само една година, туку ќе остават трајна вредност во градот, во заедниците и во целокупниот културен екосистем.
За таа цел, бараме проекти со:
– силен концепт и јасна европска димензија
– општествена и културна вредност
– професионална реализација
– подготвеност за работа во комплексен и динамичен процес“.
Првата фаза на селекција на аплицираните проекти ќе ја спроведе независното тело Скопје 2028, врз основа на формалните и квалитативните критериуми утврдени во јавниот повик.
Втората фаза на селекција ќе ја спроведе главното жири, составено од двајца домашни експерти, уметничкиот раководител, како и два меѓународни експерти од Европската Унија, согласно добиените стручни насоки, добиени по консултација со администрацијата во Брисел.
„Европска престолнина на културата не е сцена за импровизација.
Тоа е заедничка обврска кон Европа, дека знаеме да создаваме, да управуваме и да реализираме врвни културни програми.
Доколку сте културна институција, организација, уметник, креативен колектив или професионалец кој верува во силата на културата да ги менува градовите, ова е вашиот момент!
Проектите избрани преку овој меѓународен конкурс ќе станат дел од официјалната програма на „Скопје 2028“ и ќе се реализираат низ целиот град и во сите десет општини, како во институционалните простори, така и на јавни локации. Ова е еден од неколкуте повици кои ќе бидат објавени во иднина“, се додава во соопштението од Град Скопје.












