САД објавуваат милиони документи за Џефри Епстин: Над 2.000 видеа и 180.000 фотографии

Макфакс

30/01/2026

18:45

206

Големина на фонт

а а а

Американското Министерство за правда го заврши прегледот на документите поврзани со Џефри Епстин и во текот на денот ќе објави повеќе од три милиони страници, изјави заменик-главниот државен обвинител Тод Бланш.

На прес-конференција, Бланш соопшти дека ќе бидат објавени над 2.000 видеоснимки и околу 180.000 фотографии, при што вкупниот материјал изнесува приближно три и пол милиони страници, подготвени во согласност со законот.

Со оваа објава, според Министерството, треба да завршат повеќемесечните тензии меѓу Министерството за правда, федералните судии и дел од пратениците околу тоа дали и како да се објават документите од истрагата против Епстин.

Сепак, останува нејасно дали објавата ќе ги задоволи критичарите, кои тврдат дека ветувањата за целосна транспарентност не биле исполнети, особено во врска со тврдењата за наводна „листа на клиенти“.

Бланш изјави дека Министерството не штитело никого, вклучително и Доналд Трамп, и дека целта била документите да се објават што е можно поотворено. Тој нагласи дека приоритет била заштитата на жртвите, поради што бил потребен темелен преглед на огромниот обем материјали.

Зборувајќи за жртвите на Епстин, Бланш изрази надеж дека објавата на документите ќе им донесе одредено чувство на завршница, истакнувајќи дека нивната болка не смее да се оспори.