Хрватската ракометна репрезентација останува во добра позиција да си обезбеди полуфинале на Европското ракометно првенство, а најсигурната и најпосакуваната варијанта за потврда на пласманот ќе биде со победа над Унгарија.
Проблемот е во тоа што репрезентациите кои настапија вчера, меѓу кои и Хрватска, го играат својот дуел од последното коло во главната фаза за помалку од 24 часа.
Таа информација не можеше да ја премолчи искусниот Лука Циндриќ, кој вчера по триумфот над Словенија одржал монолог на оваа тема.
– Прво би сакал да се осврнам на фактот дека играме утре, што е за помалку од 24 часа. Мислам, кој и да го организирал ова сигурно никогаш не се занимавал со спорт. Ќе ви дадам пример. Се откажуваме од толку многу, целата подготовка, тука по шестиот или седмиот натпревар играме натпревар од кој зависи нашето полуфинале. А потоа доаѓа по помалку од 24 часа. Тешко е, многу е тешко, ова темпо е многу интензивно.
– Ме боли целото тело. Сите нас, не само мене. Чувствувам болка во листот, рамо, грб, катастрофа. Не можеш ни да се регенерираш за два дена, а камоли за еден. Не знам што да кажам и ова не е некое правдање. Исто е и за нас како и за другите, но и играчите треба да се прашаат нешто.
– Дефинитивно би сакал ова да биде поинаку во иднина, бидејќи она што го прават е лудост. Ова е катастрофа и дефинитивно не е здраво за никого. Морав да го кажам тоа за да го извадам од себе бидејќи сум толку лут за оваа тема. Не можам да верувам дека го прават тоа на толку големо натпреварување, – рекол Циндриќ пред хрватските медиуми.
Хрватите со победа ќе си го гарантираат првото место во групата, а постојат комбинации за пласман во полуфиналето и со реми и пораз.








