Ѓоковиќ му се налути на новинар: Не ги „бркам“ Синер и Алкарас

Дерби

28/01/2026

13:26

309

Големина на фонт

а а а

Новак Ѓоковиќ ќе игра полуфинале на Аустралијан Опен, а до него стигна откако Лоренцо Музети заработи повреда при водство од два сета и не можеше да го продолжи мечот од четвртфиналето.

Српскиот тенисер по добиениот меч одржал вообичаена прес-конференција, на која му засметало едно прашање на претставник на медиумите, кој побарал да направи споредба меѓу времето кога првично бркал титули во дуелите со Надал и Федерер и сега кога тоа го прави во конкуренција на Синер и Алкарас.

– Според мене делува како непочитување и потценување тоа што заборавате што се случи тие 15 години меѓу овие два момента, период во кој доминирав на грен-слем турнирите. Излегува дека јас постојано бркам некого, а не спротивно.

– Искрено, не се чувствувам како некој кој ги „брка“ Синер и Алкарас, затоа што Федерер и Надал беа мои најголеми ривали. Имам сериозно почитување за тоа што го прават Јаник и Карлос и ќе го прават уште многу години, но тоа е природен циклус и тоа е добро за нашиот спорт.

– Така што нивните успеси не влијаат на мене, играм за да победувам. Факт е дека тие во моментов се подобри од мене, но јас не се будам и појавувам на терен со бело знаме и секогаш ќе се обидам да ги предизвикувам, – рекол Ѓоковиќ.