Јувентус повторно преговара за неоставарената летна трансфер желба

Дерби

28/01/2026

11:28

167

Големина на фонт

а а а

Раководството на Јувентус веќе го остави зад себе неуспешниот обид да го ангажира Јусеф Ен Несири и сега е концентрирано на друг напаѓач, кој е поставен како приоритет во финишот на преодниот рок.

Времето го гази менаџментот на „бјанконерите“, но преговорите за Рендал Коло Муани се започнати, иако не се помалку комплицирани од тие во летниот период, кога Јувентус не пронајде заеднички јазик со ПСЖ.

Европскиот шампион инсистираше на заем со обврска за откупување на договорот, па на крајот францускиот репрезентативец заврши во редовите на Тотенхем, клуб кој не е премногу заинтересиран да го задржи Коло Муани наредниот период.

Италијанските медиуми тврдат дека Тотенхем веќе се согласил да го раскине договорот за заем со ПСЖ, но Јувентус повторно наишол на идентичен отпор кај клубот од Париз, кој веројатно не сака да отстапи од првичниот концепт поставен уште минатото лето.

Останува наредниве неколку дена да покажат дали инволвираните ќе најдат компромис, а ако тоа не се случи, Јувентус може да ангажира изнудено решение.

Коло Муани го носеше дресот на Јувентус во вториот дел од ланската сезона и остави солиден впечаток, па затоа и желбата на италијанскиот состав повторно да го доведе во Торино.