По речиси две децении преговори, прекини и дипломатско надмудрување, Европската унија и Индија го финализираа договорот за слободна трговија (FTA), кој аналитичарите веќе го нарекуваат економски потрес на деценијата.
Во момент кога глобалната трговија пука под притисокот на царините на Трамп и тензиите со Кина, овој сојуз ги поврзува пазарите со вкупно 2 милијарди луѓе и економии што сочинуваат четвртина од светскиот БДП.
„Европската унија и Индија денеска пишуваат историја, продлабочувајќи го партнерството меѓу најголемите светски демократии. Создадовме зона на слободна трговија за две милијарди луѓе, при што двете страни ќе остварат значајна економска корист“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, додавајќи дека „соработката заснована на јасни правила и понатаму носи одлични резултати“.
Кои се најважните промени?
Индија долго време беше позната како едно од најзаштитените пазари во светот, со царини кои во некои сектори (како автомобилите) надминуваа 100%. Новиот договор носи радикални промени.
Договорот ќе има големо влијание врз автомобилската индустрија. Царините за европските автомобили постепено се намалуваат од 110% на само 10%, што им отвора врата на европските гиганти како „Volkswagen“, „BMW“ и „Mercedes“ конечно помасовно да влезат на третиот најголем пазар за автомобили во светот.
Големи промени има и во технолошкиот сектор: царините за машини и електрична опрема, кои досега изнесуваа и до 44%, паѓаат на нула. За ЕУ тоа значи годишна заштеда од околу 4 милијарди евра само по основ на царински трошоци.

Договорот ја допира и земјоделската сфера, но и „премиум“ производите. Европските вина, сирења, маслинови масла и чоколади стануваат поконкурентни за индиската средна класа, која брои стотици милиони луѓе.
ЕУ-комесарот за трговија Марош Шефчович порача дека овој договор докажува дека „трговијата на заемна корист е реална“, нагласувајќи дека сега приоритет е да се обезбеди компаниите „да ги почувствуваат конкретните придобивки во што е можно пократок рок“.
Земјоделството треба да „продише“
Земјоделството одамна е најчувствителната точка во преговорите меѓу ЕУ и Индија. Тековните индиски царини за земјоделско-прехранбени производи во просек изнесуваат 36%, а можат да достигнат и до 150%, што практично го оневозможува пристапот за многу европски извозници.
Поради исклучително високите царини, извозот на земјоделско-прехранбени производи од ЕУ во Индија во 2024 година изнесувал само 1,3 милијарди евра, што е само 0,6% од вкупната светска трговија на ЕУ во тој сектор.
Благодарение на новиот трговски договор, европските производи со висока вредност – од маслиново масло и вино до кондиторски производи – ќе добијат значително поголем пристап до индискиот пазар, чија средна класа забрзано се шири.
„Со овој договор, европските вина, жестоки пијалаци, пива, маслиново масло, кондиторски и други производи ќе уживаат повластен пристап до брзорастечкиот индиски пазар“, изјави Кристоф Хансен, еврокомесар за земјоделство и храна.
Важно е да се спомене дека чувствителни сектори како говедско месо, пилешко, ориз и шеќер се изземени од процесот на либерализација, со цел да се заштитат европските земјоделци. „Како и во секој трговски договор, нашите високи стандарди за безбедност на храната се целосно задржани. За безбедноста на потрошувачите во ЕУ нема преговори“, додаде Хансен.
Што увезува Европската унија од Индија?
Според податоците на порталот „ITC Trademap.org“, Европската унија во текот на 2024 година увезла стоки од Индија во вкупна вредност од 89,8 милијарди евра. Најголемата поединечна категорија на увоз биле електрични машини и опрема, вклучително и уреди за снимање звук и телевизиска опрема, во вредност од 13,4 милијарди евра.
Потоа следуваат органски хемикалии со 11,9 милијарди евра. Увозот на машини и механички уреди, во кои спаѓаат и нуклеарни реактори и котли, изнесувал 8,6 милијарди евра, додека испораките на железо и челик вределе 6,2 милијарди евра.
Фармацевтските производи сочинувале 4,7 милијарди евра увоз, а текстилниот сектор останал значаен со увоз на облека и модни додатоци во вредност од 3,6 милијарди евра.
Влијание врз услужниот сектор и малите претпријатија
Покрај намалувањето на царините за стоки, договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Индија претставува значаен исчекор во либерализацијата на услугите – сектор кој во индиската трговска политика традиционално бил строго заштитен.
Обврските што Индија ги презеде во рамки на овој договор се најамбициозни досега и ги надминуваат отстапките дадени на партнери како Обединетото Кралство и Австралија.
Европските компании ќе добијат попредвидлив пристап до клучни сектори, вклучувајќи финансиски услуги, поморски транспорт и професионални услуги, со појасни правила за лиценцирање, локално присуство и барања поврзани со управувачките структури.
Според податоците на Европската комисија, извозот на услуги од ЕУ во Индија достигнал 26 милијарди евра во 2024 година, а се очекува таа бројка значително да расте под новите услови за пристап до пазарот.

За малите и средни компании, договорот е осмислен така што ќе ги отстрани структурните недостатоци кои помалите претпријатија често ги спречуваат да ги искористат предностите од трговските договори, пишува „Euronews“.
Посебно поглавје посветено на малите и средни претпријатија ќе обезбеди тие компании да го претворат договорот во реални комерцијални можности. Двете страни ќе воспостават контакт-точки и заедничка дигитална платформа која ќе нуди јасни и ажурирани информации за царините, царинските постапки и условите за влез на пазарот.
„Ова е клучен дел од стратегијата за намалување на зависноста од Кина“
Аналитичарите не го гледаат договорот само низ економска призма, туку и геополитички. Гунтрам Волф, виш соработник во тинк-тенкот „Bruegel“, истакнал дека за ЕУ овој договор е клучен дел од стратегијата „de-risking“, односно намалување на зависноста од Кина. Волф тврди дека Европа повеќе не смее да седи на две столчиња и дека Индија е единствениот логичен партнер што може да обезбеди противтежа на кинеската доминација во синџирите на снабдување.
Аналитичарите на „Goldman Sachs“ предвидуваат дека Индија до 2075 година ќе стане втората најголема економија во светот. Во тој контекст, Валдис Домбровскис, еврокомесар за трговија, нагласил дека без овој договор европските компании би останале „заклучени“ надвор од најбрзорастечкиот потрошувачки пазар на планетата.
Од Федерацијата на индиските извозни организации (FIEO) порачуваат дека обврската за инвестиции од 100 милијарди долари (во рамки на моделот ЕФТА – Индија, кој ЕУ го следи) е „без преседан“ и дека служи како правна гаранција за европските инвеститори, каква што досега не постоела.
Што следува?
Договорот сега го очекува правна ревизија и превод на сите службени јазици на Европската унија.
Потоа Европската комисија ќе го достави до Советот и Европскиот парламент за одобрување, додека Индија паралелно мора да спроведе постапка за ратификација на домашно ниво. Кога двете страни ќе го потврдат, договорот ќе стапи на сила, а намалувањето на царините и регулаторните одредби ќе се воведуваат постепено во период до десет години.
Комисијата предвидува дека благодарение на овој договор, извозот на стоки од ЕУ во Индија би можел да се удвои до 2032 година, што ќе поддржи работни места во производството, земјоделството и услугите. Во ера на фрагментирана трговија и растечки протекционизам, овој договор претставува долгорочен влог во отвореност и економски раст заснован на подлабоки врски меѓу двете најголеми светски демократии.

















