Украина: Русите нападнаа два града, погодија згради и училишта, повредени се и деца

Макфакс

23/01/2026

09:30

154

Големина на фонт

а а а

Руските сили вчера извршија напади со беспилотни летала и ракети врз два града во југоисточна Украина, при што загина едно лице, а повеќе од дваесет беа повредени, објавија денес локалните власти.

Гувернерот на Запорошката област во објава на Телеграм кажа дека руските сили извршиле четири напади врз градот Комишуваха, при што загина едно лице, а други 10 беа повредени. Во нападот беа оштетени неколку семејни куќи.

Во комбиниран руски напад со беспилотни летала и ракети беа повредени 13 лица, вклучувајќи четири деца, во индустрискиот град Кривји Рог, родното место на претседателот Володимир Зеленски во регионот Дњепропетровск, напиша шефот на воената администрација на градот, Олександр Вилкул, во објава на Телеграм.

Нападите погодија станбени згради, училишта и стратешка инфраструктура.

„Главната работа е што сите преживеаа“, напиша Вилкул, додавајќи дека шест лица, вклучувајќи ги и повредените деца, се хоспитализирани.

„Ројтерс“ не можеше независно да потврди дека се случиле нападите, а руските претставници не коментираа за ситуацијата.