Што ги очекува купувачите на половни автомобили во 2026 година? Поевтина ќе биде само една категорија возила

Точка

21/01/2026

18:14

412

Големина на фонт

а а а

Општо земено, ќе има помал избор за купувачите кои се надеваат на заштеда. И натаму владее недостиг од понови половни автомобили на пазарот. Сепак, на многу електрични возила стари неколку години ќе им истече лизинг-договорот и ќе се појават во огласите.

На европскиот пазар на половни автомобили не влијаат само законските измени, туку и глобалните случувања. Експертите прогнозираат дека купувачите во 2026 година уште посилно ќе ги почувствуваат последиците од кризата со чипови, како и намалената понуда на речиси нови автомобили. Построгите прописи за загадување, исто така, ќе влијаат врз дел од сопствениците на возила низ Европа. Матас Бузелис, експерт од компанијата „carVertical“, тврди дека нема индикации дека цените на возилата ќе паѓаат. Добри вести има само за купувачите на половни електрични автомобили. Останатите ќе имаат тешка задача да пронајдат поволен, а квалитетен половен автомобил.

Во последните години инфлацијата во повеќето земји од ЕУ се стабилизираше, што доведе до пониски каматни стапки. Сепак, возачите ќе мора да бидат трпеливи за подобри вести, бидејќи се предвидува дека цените на новите автомобили и следната година ќе останат непроменети. „Според прогнозите на Европската централна банка, каматните стапки уште долго нема да се вратат на нивото од пред пандемијата. Тоа значи дека новите автомобили ќе останат ценовно понеповолни отколку пред неколку години“, објаснува Бузелис.


Поради пандемијата, затворањето на фабриките и кризата со чипови, во периодот меѓу 2020 и 2023 година во светот беа произведени помалку автомобили. На секундарниот пазар сè поизразен е недостигот од возила стари неколку години, поради што цените на половните автомобили остануваат релативно високи.

„Во моментов, падот на вредноста на автомобилите стари меѓу три и шест години е значително побавен отколку порано. Пазарот на половни автомобили ги одржува цените високи и нема причина тие наскоро да паднат“, вели Бузелис.

Понудата на половни електрични возила на секундарниот пазар, пак, расте од година во година, а тој тренд во наредниот период ќе се забрза уште повеќе. Бранот на електрификација што започна на почетокот на 2020 година наскоро ќе донесе големи промени на пазарот на половни автомобили. На многу електрични возила стари неколку години ќе им истече лизинг-договорот и ќе се појават во огласите. Се очекува дека цените на половните електрични автомобили ќе паднат поради големата понуда на пазарот.


„Со порастот на производството на електрични возила секоја година, расте и нивниот број на секундарниот пазар, што ги прави половните електрични автомобили поповолни“, објаснува Бузелис. Пониските цени ги поттикнува и сè поголемиот број кинески електрични автомобили на пазарот. Сепак, сè уште е рано да се процени колкава е нивната побарувачка, бидејќи кинеските модели побрзо ја губат вредноста во споредба со моделите на познатите европски производители. Побрзото губење на вредноста кај кинеските електрични возила ја зголемува веројатноста купувачите да се одлучат за други марки.

Во исто време, во европските градови продолжува трендот на построги ограничувања за постарите автомобили кои повеќе ја загадуваат животната средина. Од 1 јануари, многу земји од ЕУ го забрануваат влезот во зоните со ниски емисии на штетни гасови за дизел-возилата кои не го исполнуваат стандардот „Euro 5“, како и за бензинците кои не го исполнуваат стандардот „Euro 2“. Наплатата на казни за непочитување на овие правила започнува на 1 март. Шпанија предничи во Европа и од оваа година сите градови со повеќе од 50.000 жители ќе мора да ги прошират зоните со ниски емисии и да го ограничат движењето на постарите автомобили.


Европската унија, исто така, наскоро воведува нови стандарди за емисија на штетни гасови. „Стандардот ’Euro 7‘, кој не ги опфаќа само издувните гасови, туку и загадувањето настанато од трошењето на кочниците и гумите, ќе започне да се применува од 2027 година. Истото ќе важи и за електричните автомобили, бидејќи тие вообичаено се потешки и имаат повисок вртежен момент во споредба со класичните автомобили. Поради тоа, тие се склони кон побрзо трошење на гумите, што резултира со испуштање поголемо количество микропластични честички во околината. Дополнително, новата регулатива наложува автомобилите да ги исполнуваат еколошките стандарди не само при напуштање на фабриката, туку и 10 години подоцна или по поминати 200.000 километри“, објаснува Бузелис.

Првата фаза од оваа регулатива стапува на сила на 29 ноември 2026 година, од кога сите нови автомобили ќе мора да имаат сертификат за усогласеност со стандардот „Euro 7“. Од ноември 2027 година, пак, стандардот „Euro 7“ ќе се применува на сите новорегистрирани автомобили во Европската унија.