Во осумдесеттите години на минатиот век, „Eberswalder Wurstwerke“ во Германската Демократска Република бил најголемиот производител на колбаси во Европа и вработувал 3.000 работници.
Производствениот погон, кој се протегал на 65 хектари, имал сопствен фризер, амбуланта, библиотека и ресторан. Тие комунистички времиња одамна поминаа, пишува „The Economist“.
Минатата недела околу 500 преостанати работници дознале дека релативно новиот (западногермански) сопственик на компанијата, која ужива култна популарност меѓу лојалните купувачи поради своите колбаси без обвивка и саламата „Schorfheider Knüppelsalami“, до крајот на февруари ќе ја затвори фабриката во Бриц.
„Дознавме за тоа половина час пред веста да биде емитувана на телевизија“, рекла вработена во продавницата покрај фабричките порти. И покрај снегот што паѓал тој ден, фабричката продавница била полна со купувачи. „Tönnies“, западногерманскиот преработувач на месо кој сега е сопственик на фабриката, „вети инвестиции кога нè купија пред само две години“, се пожалил друг работник.
Стагнација
Германската економија, трета најголема во светот според номиналниот БДП, стагнира веќе три години, а затворањата на фабрики и неликвидноста достигнуваат загрижувачки нивоа. На 8 јануари, „Заландо“, голем германски онлајн моден трговец, објави дека ќе го затвори логистичкиот центар во Ерфурт, исто така во источна Германија, каде што работат 2.700 луѓе.
Прелиминарните податоци на „Дестатис“ (Destatis), германскиот завод за статистика, покажуваат дека неликвидностите во декември пораснале за 15% во споредба со истиот месец во 2023 година. Особено се погодени секторите транспорт, угостителство и градежништво. Вкупниот број од повеќе од 17.600 стечаи на компании минатата година според Институтот „Лајбниц“ за економски истражувања во Хале бил највисок во последните 20 години.
И познатите пропаѓаат
Германија особено ја обесхрабрија низа пропаѓања на познати компании. Минатата година меѓу нив беа и некои од најголемите имиња во земјата: „Goertz“ (обувки), „Gerry Weber“ и „Esprit“ (мода), „Groschenmarkt“ (дисконтна трговија), „Karrie Bau“ (градежништво) и „Zoo Zajac“ (најголемата продавница за домашни миленици во светот).
Вистина, имало и полоши периоди во не толку далечното минато; пукањето на „дот-ком“ балонот предизвика значително повеќе стечаи. Во некои години пропаднале повеќе од 39.000 претпријатија. Но тие претходни кризи главно се однесувале на поединечни сектори, како технолошкиот за време на „дот-ком“ крахот.
Наспроти тоа, сегашната слабост ја погодува целата економија. Германската индустрија некогаш беше сидро што ги ублажуваше осцилациите во другите сектори. Тие времиња поминаа: извозно ориентираните индустрии се особено ранливи на глобални конфликти, царини и високите цени на енергијата. Целиот германски економски модел е лошо приспособен на новите околности. Додека не се приспособи, дури и производителите на колбаси ќе се најдат на удар.
















