Левица: Центарот за социјални работи во Тетово дувло на криминал и корупција

Макфакс

17/01/2026

15:28

377

Големина на фонт

а а а

Скандалот во Центарот за социјални работи во Тетово со незаконски исплатени социјални пензии и додатоци за туѓа нега ја разоткрива длабоката системска корупција и злоупотреба во институцијата која треба да им служи на најранливите. Социјални пензии добивале лица кои што воопшто не исполнуваат услови за тоа, додека лица на кои што им е од суштинска важност да добијат социјална пензија или надоместок за туѓа нега се одбивани, велат од Левица.

„Според досега изнесените податоци неколку вработени во Центарот, меѓу кои и еден раководител исплаќале социјални пензии, туѓа нега и други социјални надоместоци и тоа ретроактивно, на лица кои не исполнувале услови за тоа, со што го оштетиле Буџетот за неколку стотици илјади евра.

Дополнително загрижува фактот што, и покрај тоа што Јавното обвинителство покренало постапка против овиелица, по признание на вина за несовесно работење во службата тие биле задолжени да платат по 18.000 денари по што продолжиле со работа во Центарот за социјални работи во Тетово. Ова испраќа опасна порака дека злоупотребата на јавните пари и газењето на социјалната правда поминуваат без реални последици.

Јавно прашуваме зошто Министерството за социјална политика и министерот Лимани молчат за овој скандал?

Исто така прашуваме како е можно лица кои самите признале дека несовесно работеле и го оштетиле буџетот да бидат сѐ уште вработени во Центарот?

Кого штити Министерството и дали Владата на ДПМНЕ знae воопшто на кои и на колку лица неосновано им биле испраќани социјални надоместоци?

Ова е уште еден доказ дека државата за некого е мајка, за некого маќеа!“, се вели во соопштението на политичката партија.