Американскиот претседател Доналд Трамп му рекол на својот тим за национална безбедност дека би сакал американската воена акција во Иран да нанесе брз и одлучен удар врз режимот, а не да предизвика долготрајна војна што би траела недели или месеци, но досега не добил такви гаранции, изјавиле американски функционер, две лица запознаени со разговорите и лица блиски до Белата куќа.
„Ако нешто направи, сака тоа да биде конечено“, изјавил еден од изворите запознаени со разговорите за „NBC њуз“.
Американскиот функционер и две лица запознаени со разговорите рекле дека Трамповите советници досега не можеле да му гарантираат дека иранскиот режим брзо ќе се урне по американскиот воен удар, како и дека постои загриженост дека Соединетите Држави можеби ги немаат сите средства во регионот што ќе им бидат потребни за да се заштитат од она што функционерите на администрацијата го очекуваат како агресивен ирански одговор.

Сè уште без одлука
Таа динамика би можела да го наведе Трамп да одобри поограничена американска воена офанзива во Иран, барем на почетокот, додека ги задржува опциите за ескалација, доколку воопшто одлучи да преземе каква било воена акција, рекле американски функционер и едно од лицата запознаени со разговорите.
Изворите навеле дека станува збор за ситуација што брзо се развива и дека до вчера попладне не биле донесени никакви одлуки.
За време на посетата на Детроит пред два дена, Трамп им порача на Иранците кои учествуваат во протестите во таа земја дека „помошта е на пат“, и ја опиша ситуацијата во Иран како „кревка“.
Воените опции се подготвени
Американски функционер, две лица запознаени со разговорите и едно лице блиско до Белата куќа рекле дека Трамп е подготвен да ги исполни своите повторени ветувања до демонстрантите во Иран дека САД ќе интервенираат воено за да ги поддржат во нивните напори да го соборат режимот.
Централната команда на САД подготвила воени опции за Трамп, кои му биле презентирани во последните денови и сега се доусовршени, според зборовите на американски функционер и уште едно лице запознаено со разговорите.

Во средата, стотици американски војници ја напуштиле воздухопловната база Ал Удеид во Катар, во случај американската акција да доведе до ирански одговор.
САД преземаат и други мерки на претпазливост низ целиот регион со цел да ги заштитат војниците, цивилите и членовите на нивните семејства, рекол друг американски функционер и трето лице запознаено со ситуацијата. Американската војска не го зголемила бројот на трупи и средства во регионот за да поддржи акции од големи размери во Иран, но САД имаат авиони, бродови и персонал во регионот за изведување целни или ограничени удари во Иран.












