Министерот за надворешни работи на Иран го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп да не ја повторува грешката од претходните воени судири, нагласувајќи дека Техеран е подготвен за дипломатија.
„Мојата порака е, не ја повторувајте грешката што ја направивте во јуни. Ќе го добиете истиот резултат“, изјави Абас Арагчи за Фокс њуз, осврнувајќи се на американските напади врз три нуклеарни објекти во Иран како дел од 12-дневната војна меѓу Иран и Израел.
„Знаете, ги уништивте објектите во јуни, но технологијата не може да се бомбардира, ниту решителноста не може да се бомбардира“, рече тој, осврнувајќи се на неодамнешните тензии и ставот на САД кон Техеран. Арагчи истакна дека Иран немал позитивно искуство со САД, но патот на преговорите останува подобар. „Иран покажа дека е подготвен за преговори, подготвен за дипломатија“, рече тој.
„Имаме докази дека во текот на изминатите 20 години, САД секогаш бегале од дипломатијата, ја запирале дипломатијата по војната. Мојата порака е дека помеѓу војната и дипломатијата, дипломатијата е подобар пат. Иако немаме позитивно искуство од Соединетите Американски Држави, дипломатијата е сепак многу подобра од војната“, рече тој.








