Во североисточниот дел на Тајланд, околу 9 часот по локално време, кран падна директно врз воз во движење, при што возот излетал од шините, а неколку вагони биле згмечени, од кои еден се запалил.
Во моментот на несреќата во возот имало 171 патник. Меѓу повредените има едногодишно дете и лице на возраст од 85 години, а седум лица се во критична состојба.
Локалните медиуми јавуваат дека кранoт подигал голем бетонски елемент кој паднал врз возот и предизвикал излетување на повеќе вагони. Спасувачките екипи со часови ги извлекувале патниците од уништената композиција.
Еден од преживеаните изјавил дека патниците биле буквално фрлени во воздух, додека очевидци за Би-Би-Си Тајланд рекле дека целиот инцидент траел помалку од една минута.
„Почнаа да паѓаат мали парчиња, како бетонски фрагменти. После тоа, кранот се спушти и силно се урна врз возот“, рече жена – сведок на настанот.
„Целиот инцидент траеше помалку од една минута“, додаде таа.
Државните железници на Тајланд покренаа истрага и најавија тужба против градежната компанија одговорна за кранoт. Компанијата Italian-Thai Development соопшти дека ќе обезбеди обештетување и помош за семејствата на загинатите и повредените.
Тајландскиот премиер порача дека „некој мора да сноси одговорност“, оценувајќи дека вакви несреќи се последица на немар и непочитување на процедурите.








