„Сопственикот на фирмата со 51 тендер бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Огњеновиќ

Макфакс

14/01/2026

13:17

186

Големина на фонт

а а а

„Скандалот што го објави Антикорупцискиот тим на СДСМ за фаворит фирмата на ВМРО која од општините добила 51 тендер вредни 16 милиони евра има и друга позадина која денеска ја откриваме. Станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ и за нејзиниот сопственик, извесен Петар Доновски кој е член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, на Избирачко место 2680 во Општина Аеродром. По престанување на мандатот на Доновски, ВМРО-ДПМНЕ на негово место назначува друг партиски претставник. Дали сега е јасно за поврзаноста со ВМРО и политичкото влијание? Само од општина Аеродром оваа омилена фирма има добиено 22 тендери“, рече Петар Огњеновиќ, член на ИО на СДСМ, на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека ако ова не е конфликт на интереси и политичко влијание врз доделувањето на тендерите тогаш што е?

„Но овој скандал открива и нешто друго. А тоа е поврзаноста на тендерите со избирачкиот процес. Уште еден доказ зошто Техничката влада мора да остане. Ако некој што бил во избирачки одбор именуван од ВМРО-ДПМНЕ добива милионски тендери, може да замислите на што би личеле избори без контролни механизми од опозицијата? Затоа не сакаат опозицијата да учествува во техничката влада, затоа што не сакаат да бидеме сведоци на криминалот и корупцијата“, рече Огњеновиќ.

„Техничката влада мора да остане. Ако ја укинат техничката влада, ќе ја убијат и онаа малку шанса што постои за фер избори. Тоа не смееме да им го дозволиме“, изјави Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ.