Нема поголема животна иронија од онаа кога ќе купите ножици, а потоа ќе сфатите дека ви требаат други ножици за воопшто да ги извадите од пакувањето.
За среќа, една жена од Бризбејн, Австралија пронајде решение кое е толку едноставно што речиси фрустрира зошто не сме се сетиле на него порано. Нејзиниот трик за кратко време стана вирален, а неа самата ја изненади огромниот одѕив од луѓе на кои, буквално, им го олеснила животот, пишува „Вечерњи лист“.
„Искрено, бев шокирана кога го открив ова и морав да го споделам. Ни на сон не помислував дека реакцијата ќе биде ваква“, изјави таа за порталот „Њуз“.
Ејми Фримен, мајка на четири деца, покажа генијален начин за отворање на тврдокорните пластични блистер-пакувања, оние со дебели, назабени рабови што се термички запечатени.
„Дали сум јас единствената што не знаела како се отвора овој тип пакување?“, праша таа во видеото, објавено на платформата ТикТок.
Како и повеќето од нас, 40-годишната Фримен досега посегнувала по ножици за да ги исече рабовите и да го ослободи предметот од пластиката. А сите знаеме колку таквиот обид може да ги измачи прстите – со неизбежните исеченици од острите рабови кои остануваат како непријатен потсетник. Се покажало дека сите погрешно го правеле тоа.
„Не ви требаат ножици за да го отворите ова“, порачува Фримен.
Таа вели дека била целосно затечена кога видела некој како отвора блистер-пакување на начин што никогаш претходно не ѝ паднал на памет.
„Сѐ што треба да направите е да го стиснете“, открива таа.
Во видеото, таа го приближува пакувањето со ножиците кон камерата, а потоа силно го стиска со рацете. За дел од секундата пластиката се свиткува, дното пука и се создава отвор низ кој таа, со еден лесен потег, ги вади ножиците.
„Толку е едноставно. А толку многу производи доаѓаат во ваква амбалажа“, додава таа.










