Словачките лидери едногласни: Крај на воената помош за Украина

Макфакс

13/01/2026

08:28

269

Големина на фонт

а а а

Највисоките словачки функционери – претседателот Петер Пелегрини, премиерот Роберт Фицо и претседателот на парламентот Рихард Раши – потврдија единство околу клучните надворешнополитички и внатрешни прашања. По заедничка средба, тие соопштија дека Словачка повеќе нема да ѝ дава воена помош на Украина, нема да испраќа војници и нема да учествува во плановите на ЕУ, пренесе Актуалити.ск.

„Задачата на тројцата највисоки уставни функционери е да испратат сигнал дека е можно да се води културна политика и култивиран дијалог и дека мора да се најде заеднички пат и заеднички одлуки за доброто на Словачката Република“, изјави претседателот Пелегрини. Тој додаде дека средбата покажала оти можат да разговараат отворено, конструктивно и прагматично за сите прашања.

Според Пелегрини, тројцата се единствени и во оценката за воената кампања на САД во Венецуела, која ја сметаат за грубо кршење на меѓународното право. Потврдена е и согласноста дека Словачка треба да има претставник на разговорите на таканаречената „коалиција на подготвените“, но со непроменет став: земјата нема да ја поддржува Украина воено, нема да испраќа војници и нема да учествува во гаранции за голем заем од Европска комисија.

Сите тројца истакнаа дека Европска Унија е животен простор за Словачка, во кој сака да остане. Сепак, Фицо предупреди дека Унијата никогаш не била во подлабока криза.

„Не би сакал Словачка во оваа криза во ЕУ да трча како ранета и да стане жртва на големи поместувања што можат да се случат во Европа“, рече Фицо. Тој укажа и на распадот на светскиот поредок и на почитувањето на меѓународното право, наведувајќи ја енергетската безбедност како дополнителен предизвик.

Премиерот оцени дека е важно Словачка да настапува суверено во Европа и во светот. „Ги повикувам сите во владејачката коалиција, и покрај внатрешните несогласувања, да се обединиме и да претставуваме храбра и суверена државна политика што ќе ја штити Словачка во овие тешки времиња“, изјави Фицо.

Тој додаде дека разликите во мислењата се можни, но дека кога станува збор за суверенитетот, позицијата и безбедноста на државата, сите мора да „влечат на иста страна“. Доколку опозицијата е подготвена да учествува во таков пристап, ќе биде добредојдена.

Претседателот на парламентот Рихард Раши истакна дека тројцата функционери можат да се договорат за решавање на сериозни надворешнополитички и внатрешни прашања. Тој наведе дека нема суштински проблеми меѓу нив и дека по многу теми имаат слични ставови.

Раши додаде дека разговарале и за функционирањето на Вишеградската група и Славковскиот формат, при што Словачка ќе бара заеднички позиции со тие земји. Како тема било отворено и работењето на парламентот, а Раши потврди дека измените на деловникот мора да бидат прва точка на следната седница.