[ВИДЕО] Култни песни што во 2026 година полнат 40 години: Засекогаш ја променија музичката сцена

Точка

09/01/2026

18:04

908

Големина на фонт

а а а

Некои од песните што оставија длабока и трајна трага во музичката индустрија во 2026 година одбележуваат 40 години од своето објавување.

 И по четири децении, тие сè уште привлекуваат огромно внимание и кај помладата публика.

„Livin’ On a Prayer“ – „Бон Џови“

Една од најпознатите е „Livin’ On a Prayer“ на групата „Бон Џови“. Ова беше нивната прва песна што се искачи на првото место на листата на Билборд (Billboard Mainstream Rock), а воедно и втор последователен хит број еден на Билборд Хот 100 (Billboard Hot 100). Во 2013 година песната доби тројна платинеста сертификација за повеќе од три милиони дигитални преземања, а досега е продадена во над 13 милиони примероци ширум светот, со што се вбројува меѓу најпродаваните синглови на сите времиња.

„I Just Died in Your Arms“ – „Катинг Кру“

Четири децении од објавувањето слави и песната „I Just Died in Your Arms“ на британскиот бенд „Катинг Кру“. По излегувањето доби мешани критики – дел од критичарите ја пофалија мелодијата и продукцијата, додека други ја сметаа за неоригинална. Иако постигна голем комерцијален успех, токму оваа песна придонесе бендот да добие репутација на група со само еден голем хит.

„Papa Don’t Preach“ – Мадона

На листата се наоѓа и хитот „Papa Don’t Preach“ на Мадона, од нејзиниот трет албум „True Blue“. Критичарите особено ја истакнаа нејзината вокална изведба. Во видеоспотот, режиран од Џејмс Фоли, Мадона прикажа позрел имиџ, толкувајќи лик на млада жена во конфликт со својот татко кој се обидува да ѝ го контролира животот.

„The Final Countdown“ – „Јуроп“

Бендот „Јуроп“ во 1986 година ја објави песната „The Final Countdown“. Ја напиша нивниот фронтмен Џои Темпест, а инспирацијата за текстот доаѓа од песната „Space Oddity“ на Дејвид Боуви. Првично била замислена само како воведна тема на концертите, но подоцна била избрана како насловна песна на истоимениот албум, по што влезе во музичката историја.

„Take My Breath Away“ – „Берлин“

Легендарната „Take My Breath Away“ на групата „Берлин“ исто така е објавена во 1986 година. Ја напишаа Џорџо Мородер и Том Витлок за саундтракот на филмот „Топ Ган“ (Top Gun). Песната освои Оскар за најдобра оригинална песна на 59. доделување на наградите на Академијата, како и Златен глобус за најдобра оригинална песна.

„You Give Love a Bad Name“ – „Бон Џови“

Меѓу песните што слават 40 години е и уште еден хит на Бон Џови – „You Give Love a Bad Name“. На 29 ноември 1986 година го освои првото место на Билборд Хот 100 (Billboard Hot 100), а во 2007 повторно се најде на листата, откако ја изведе Блејк Луис во шоуто „Американски идол“ (American Idol).

„How Will I Know“ – Витни Хјустон

Хитот „How Will I Know“ на Витни Хјустон првично бил наменет за Џенет Џексон, но таа го одбила. Во февруари 1986 година песната беше број еден на Билборд Хот 100 (Billboard Hot 100), а стана и прв сингл на Витни Хјустон што се искачи на врвот на канадската листа RPM Top 100.

Денес, овие стари хитови добиваат нов живот благодарение на социјалните мрежи, а особено на ТикТок, кој повторно ги открива и ги претвора во омилени песни на новите генерации.