По неколкумесечни поморски удари, претседателот на САД Доналд Трамп најави дека американските сили целејќи ги нарко-картелите, сега ќе започнат копнени операции во Мексико.
„Сега ќе почнеме да удираме на копно поврзано со картелите. Картелите го водат Мексико“, рече Трамп, но не открил детали за времето или обемот на планираните напади. Клаудија Шејнбаум, претседателката на Мексико, се спротивстави на тој потег. Какви било воени удари на мексиканска територија без согласност од Мексико Сити би претставувале прекршување на меѓународното право и би значеле напад врз сојузник и важен трговски партнер, истакнува „Euronews“.

Најавата на Трамп доаѓа по нападот врз Венецуела, во кој за време на викендот беа заробени тамошниот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес. Мадуро и Флорес во САД се обвинети за трговија со дрога, а се изјаснија дека не се виновни. Тоа беше кулминација на долготрајната американска воена и економска кампања против владата на Мадуро.
Според американски функционери, ударите врз нарко-бродовите резултирале со смрт на повеќе од 100 лица од септември. Имено, биле таргетирани пловила осомничени за шверц на кокаин и фентанил во меѓународни води и во близина на венецуелскиот брег. Трамп, исто така, неодамна откри дека американските сили погодиле пристаниште за такви бродови во Венецуела.

Копнените удари врз картелите во Мексико би претставувале значително проширување на американскиот воен ангажман во регионот. Трамп во февруари 2025 година прогласи шест мексикански картели за странски терористички организации — потег што Мексико го осуди како закана за својот суверенитет. Мексиканската претседателка Шејнбаум предложи уставни реформи за зајакнување на заштитата од неовластени странски операции и доследно одбива какво било присуство на американската војска на мексиканска почва.












