Фановите на серијата „Stranger Things“ успеаја да го срушат „Netflix“ чекајќи тајна епизода што не постои

Точка

08/01/2026

10:00

545

Големина на фонт

а а а

Фановите на серијата „Stranger Things“ успеаја да го преоптоварат и привремено да го срушат „Netflix“, масовно пристапувајќи до стриминг-сервисот во 20:00 часот по источно време, сè со цел да ја гледаат епизодата од серијата која, всушност, никогаш не постоела.

На социјалните мрежи многумина споделуваа снимки од екранот на кои се гледаат грешки при вчитување, предизвикани од огромниот број корисници кои верувале дека пристигнува нова епизода на „Stranger Things“.

И покрај тоа што „Netflix“ многу јасно соопшти дека серијата завршува со осмата епизода, објавена за Нова година, фановите беа убедени дека во сенка се крие уште едно изненадување. До среда навечер, социјалните мрежи „вриеја“ од теории, временски рамки и снимки од екранот, а сè укажуваше на наводна тајна деветта епизода која одеднаш би се појавила и би го открила вистинскиот крај.

Фановите собираа „докази“ каде и да можеа – од начинот на кој книгите биле наредени во последната епизода (убедени дека го формираат збор „лага“), па сè до интервјуто на актерот Џејми Кембел Бауер со Џими Фалон, во кое тој финалето не го нарекол финале туку осма епизода.

Теоријата на обожавателите, наречена „Conformity Gate“, тврдеше дека осмата епизода од сезоната не е вистинскиот крај.

Обожавателите почнаа да забележуваат, како што тврдеа, премногу „грешки“ за да бидат игнорирани: датумот на раѓање на Вил Бајерс како да се менува, предмети ја менуваат бојата меѓу кадри, вратите се свртени во погрешен правец, а ликовите погрешно се сеќаваат на клучни детали од претходните сезони. Случајност? Интернетот тврдеше дека апсолутно не е.


Дополнително, „Netflix“ најави настан закажан за 7 јануари, кој ветуваше преглед на претстојните серии и филмови. Многумина сметаа дека ова е кодирана најава за изненадувачка содржина поврзана со „Stranger Things“.

На крајот, не се појави никаква тајна епизода, што предизвика значително разочарување кај фановите, широко споделено на социјалните мрежи.