Нови студии спроведени врз десетици илјади деца укажуваат дека користењето паметни телефони пред 13-годишна возраст значително го зголемува ризикот од нарушувања на спиењето, дебелина и психолошки стрес, наведуваат истражувачите.
Една од студиите ја предводел професорот по детска и адолесцентна психијатрија Ран Барзилај, кој со својот тим анализирал податоци за повеќе од 10.500 деца во Соединетите Американски Држави, пренесува порталот „24heures“.
Истражувачите ги споредиле децата кои го добиле својот прв паметен телефон на 12 години со оние кои го добиле на 13.
Според резултатите, децата од првата група имале околу 60 проценти поголем ризик од нарушувања на спиењето и 40 проценти поголем ризик од прекумерна телесна тежина, додека знаците на психолошки тегоби биле почести.

Студијата е објавена на почетокот на декември во стручниот журнал „Педијатрија“ и е дел од поширок бран нови истражувања засновани на долгорочно следење на голем број испитаници.
Слични наоди носи и истражување објавено во декември во списанието „JAMA“, кое го испитувало влијанието на користењето социјални мрежи кај деца на возраст од девет до 13 години.
И ограничената употреба е ризична
Дури и ограничената, но редовна употреба била поврзана со послаби резултати на тестовите за читање, вокабулар и меморија.
Меѓународна студија спроведена врз повеќе од 100.000 млади возрасни во десетици земји покажала дека пораната возраст на добивање прв паметен телефон е поврзана со поголема веројатност за пријавување психолошка непријатност, особено кај младите девојчиња.
Резултатите се објавени во списанието „Journal of Human Development and Capabilities“.

Истражувањата, исто така, укажуваат дека не сите дигитални активности се подеднакво ризични.
Долгорочна шведска студија покажала дека зголемената невнимателност кај децата е поврзана пред сè со користењето социјални мрежи, додека сличен ефект не бил забележан кај видеоигрите или гледањето видео-содржини.
Убиствено бескрајно скролање
Научниците наведуваат дека клучниот проблем е бескрајното скролање и постојаното социјално споредување што ги поттикнуваат социјалните мрежи.
Наодите во голема мера се совпаѓаат со препораките на стручните организации.
Во Швајцарија не се препорачува користење паметен телефон пред 12-годишна возраст, додека германското педијатриско здружение советува избегнување паметни телефони до крајот на основното образование и одложување на користењето социјални мрежи до почетокот на адолесценцијата.
Експертите нагласуваат дека надгледуваната и постепена употреба е поважна од самото ограничување на времето поминато пред екранот.










