Американската актерка Анџелина Џоли, поранешна специјална пратеничка на ОН за бегалци, се наоѓа во градот Ариш во рамки на официјална посета која го опфатила и контролниот пункт Рафа, со цел да им пружи поддршка на луѓето во Појасот Газа.
Како што објави египетскиот ТВ-канал „Ал Кахира њуз“, Џоли за време на посетата ја придружувале амбасадорката Набила Макрам Ебеид - шефица на Техничкиот секретаријат на Националната алијанса за работа на цивилен развој, како и претставничка на Стејт департментот на САД и генерал-мајор Халед Муџауер, гувернер на Северен Синај, а обиколката опфатила низа важни локации.
Посетата опфатила инспекција на магацини со логистичка помош наменета за поддршка на палестинскиот народ во Појасот Газа, преглед на египетските напори за прием и распределба на хуманитарната помош, како и посета на Општата болница Ел-Ариш за проверка на состојбата на повредените Палестинци од Газа кои таму се лекуваат. Египетските медиуми пренесоа дека актерката била информирана од медицинските тимови за природата на повредите и за значителните притисоци со кои се соочува здравствениот систем поради континуираниот прилив на пациенти од Газа.

Како што е соопштено, актерката ги следела механизмите за доставување хуманитарна помош во Појасот Газа и улогата на тимовите на Египетската Црвена полумесечина во организирањето на транспортот и координацијата на помошта.
„Оваа посета ја одразува хуманитарната улога на Египет во поддршката на палестинскиот народ и неговата континуирана посветеност на олеснување на испораката на хуманитарна помош, како и зајакнување на соработката со меѓународни организации и јавни личности кои ги поддржуваат хуманитарните цели, во светло на тешките услови со кои се соочуваат жителите на Појасот Газа“, се наведува во извештајот на ТВ-каналот.

Џоли позната по своите јасни хуманитарни ставови во врска со прашањата на бегалците и присилното раселување ширум светот, претходно повеќепати изразила солидарност со Палестинците, преку изјави во кои ги поддржала жителите на Појасот Газа.
Посетата на Ел-Ариш и Рафа доаѓа како продолжение на нејзината хуманитарна работа, бидејќи Џоли е една од најистакнатите застапнички на правата на бегалците на меѓународно ниво и преку својот активизам настојува да придонесе за изградба на поправеден, порамноправен и поинклузивен глобален систем, особено во светло на сложените и меѓусебно испреплетени хуманитарни кризи на кои светот сведочи.
Во текот на повеќе од 20 години, актерката презела повеќе од 60 теренски мисии, за време на кои детално ги истражувала приказните за страдање, надеж и отпорност во зоните на конфликт. Меѓу нејзините најнови турнеи биле посетите на Јемен и Буркина Фасо, каде што се сретнала со раселени лица кои страдаат од акутни хуманитарни кризи, поради недостаток на финансиски средства и слабо медиумско известување.















