Сè помлади деца стануваат жртви на порнографијата: Зависноста започнува уште од 5 годишна возраст

Точка

02/01/2026

16:00

325

Големина на фонт

а а а

Резултатите од најновото истражување во Велика Британија откриваат загрижувачки тренд – деца на сè помала возраст се изложени на експлицитни порнографски содржини на интернет и на телевизија, што отвора сериозни прашања за заштитата на малолетниците во дигиталното доба.

Истражувањето спроведено од „YMCA Dignify Project“ открило дека децата не се во состојба да ги „избришат“ трауматичните слики, а значителен број од нив развиваат зависност од порнографија, пренесе „Sky News“.

Според извештајот, просечната возраст на децата кои консумираат порнографски материјал едвај достигнува 12 години. Никол Ли од агенцијата што го спровела истражувањето предупредила дека децата, кои првпат биле изложени на порнографија уште на пет години или помлади, „пријавуваат симптоми на зависност“.

„Значи, не станувало збор само за тоа дека тоа го виделе на таа возраст. Тоа всушност се развивало со нив како што станувале постари, и сега нѝ велат дека имаат зависност“, рекла таа.


Според истражувањето, повеќето деца „ненамерно“ доаѓале до порнографија на интернет, на пример испратена во групен чет, пронајдена преку линк од друга платформа или споделена од непознати лица.

„Една третина од оние што гледале порнографија ја виделе во основно училиште. Страшно е, навистина е страшно како родител да помислам дека моето дете можеби гледало порнографија. Значи не сакаме да ја разбудиме таа љубопитност“, рекла Ли.

Таа препорачала, покрај родителски контроли и поставките за приватност на уредите, децата да не се оставаат сами пред екран.

Една млада жена изјавила за „Sky News“ дека првпат видела порнографија на седумгодишна возраст, откако била „изложена на штетно сексуално однесување“ кога имала шест години, што ја поттикнало нејзината „љубопитност“ да бара одговори на интернет. Таа ја опишала содржината што ѝ била достапна на „одредени платформи“, а до осумгодишна возраст гледала екстремна порнографија, додека на 12-годишна возраст станала зависна.


„Не разбирав зошто бев во толку лошо расположение. Консумирањето уште повеќе таков материјал некако ме одржуваше прибрана, но само сакав да престане“, рекла таа и додала дека тој материјал ја исплашил и ја збунил и дека потоа страдала од депресија и самоубиствени мисли. Како што изјавила од содржината што ја гледала мислела дека некој убива друга личност и дека тоа е мачење.

„Ми го одзеде детството. Нема да го вратам. Но тоа не значи дека другите деца не можат да го имаат“, додала младата жена, пренесе Танјуг.