Формализацијата на сивата економија е една од највисоките стратешки определби на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае врз економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Тој посочи дека според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани, што, како што нагласи, претставува сериозен предизвик кој бара системски, а не ад-хок решенија.
Министерот Дурмиши потсети дека Министерството и досега преземало мерки преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажале дека дел од лицата и понатаму остануваат надвор од формалните текови.
„Токму затоа беше донесен Законот за работно ангажирање на лица, кој ќе започне да се применува од 1 јануари 2026 година и претставува суштинска реформа во начинот на повремено и сезонско ангажирање на работници“, рече тој.
Според него, со законот се воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање на работна сила, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Дурмиши нагласи дека законот овозможува ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери, без губење на нивните веќе стекнати права.
Во првата фаза, како што информираше министерот, се опфатени дејностите каде што сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството.
„Со примената на законот се очекува формализација на околу 17.400 лица, од кои до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите“, рече Дурмиши.
Тој истакна дека реформата носи придобивки и за работниците и за работодавачите, преку поедноставени административни постапки, исплата по час, уплата на придонеси и јасна правна заштита на работничките права.
Паралелно со ова, министерот потсети дека од 1 јануари 2026 година започнува да се применува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој обезбедува финансиска поддршка за компании што инвестираат, отвораат нови работни места и остваруваат раст на приходите.
„Комбинацијата од овие два закони значи истовремено сузбивање на сивата економија и активна поддршка на формалната економија, со што државата создава стабилна, предвидлива и фер деловна клима“, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.











