Тешките мозочни повреди не дозволиле оперативен зафат врз двегодишното дете, информира Министерството за здравство

Макфакс

02/01/2026

14:26

294

Големина на фонт

а а а

Двегодишното дете првично било примено на Ургентниот центар, по што, поради сериозноста на состојбата, било згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега, информира Министерството за здравство.

Како што се наведува во соопштението, детето било интубирано, поставено на механичка вентилација, со ординирана антибиотска и антиедематозна терапија и под 24-часовен мониторинг. Поради интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво, хируршко лекување не било можно.

И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот бил трагичен, како резултат на исклучително тешките повреди на мозокот предизвикани од метално страно тело.

Од Министерството изразија најдлабоко и искрено сочувство до семејството и најблиските на детето.

Воедно, упатија апел до граѓаните новогодишните празници да се одбележуваат мирно и достоинствено, без употреба на пиротехнички средства, петарди и огнено оружје, предупредувајќи дека ваквото неодговорно однесување може да има сериозни, па и фатални последици.

МВР претходно денес, објави детали за трагедијата на новогодишната ноќ.

Според информациите од полицијата, на 1 јануари во 00:58 од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив во многу тешка состојба и со стран предмет во глава е донесено двегодишно дете од Скопје. Полициски службеници излегле на местото и извршиле службен разговор со мајката Г.Д.(21), која појаснила дека на 31.12.2025 пред полноќ излегла пред дворот од куќата на подрачјето на Гази Баба со детето и гледајќи огномет слушнала звук, по што забележала крв од главата на детето.

Во полициска станица е извршен службен разговор и со таткото на детето М.А.(26).

Во 01:58 часот на 2 јануари детето починало, а лекар констатирал смрт.

По наредба на јавен обвинител, телото на детето е дадено на обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот.