[ВИДЕО] Десет килограми кокаин откриени во автомобил во скопско: Дрогата ја криел во подвозјето на џипот, обвинителството бара притвор

Макфакс

02/01/2026

11:41

772

Големина на фонт

а а а

Во координирана акција на Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи, во текот на вчерашниот ден беа откриени 10 килограми кокаин со висока чистота, скриени во автомобил БМВ X5 со скопски регистарски ознаки.

Автомобилот бил сопрен во селото Горно Количани, по што јавниот обвинител од судија на претходна постапка обезбеди наредба за детален претрес и во импровизиран бункер во подвозјето на возилото беше пронајдена дрогата.

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 26-годишникот кој го управувал автомобилот за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. За осомничениот ќе биде предложена мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и соучесници, како и веројатност да продолжи да врши кривични дела.

Бидејќи станува збор за големо количество дрога, јавниот обвинител издава повеќе наредби со цел испитување на потеклото на кокаинот и неговата крајна дестинација, како и можни други инволвирани лица.